Фармерите чиј добиток заболе од „син јазик“ ќе бидат обесштетени
Сите фармери чија стока минатата година заболе од „син јазик“ ќе бидат обесштетени, најави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски.
Агенцијата ќе излезе и со препораки како да се постапува доколку повторно се појави оваа болест, додаде Поповски на прес-конференција.
Во рамки на Отворениот ден во Велес, директорот информираше и за вакцинирањето против „свинска чума“. Се сретна и разговараше со сточарите, операторите со храна, претстваниците на рестораните, градинките, училиштата и болницата. Притоа, како што нагласи, најголем беше интересот за безбедноста на храната и означувањето кое од јуни годинава треба да биде согласно најновите европски барања.
- Дадовме препораки како да постапува при дистрибуцијата на храната особено во градинките за безбедноста да биде на највисоко ниво. Голем број прашања се однесуваа и на означувањето на храната како актуелна тема во моментов, рече Поповски.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со болеста туларимија за која има индикации дека е присутна во Општина Лозово, Поповски напомена дека храната континуирано се контролира.
- Треба да се води посебна контрола кај домаќинствата каде има можност за појава на глодарите, треба да се изврши и темелно чистење на целиот прибор за исхрана за да не дојде до пренесување на болеста, потенцира директорот на АХВ Поповски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа