Закони за ефикасна и сервисна јавна администрација
Заменик-министерот за информатичко општество и јавна администрација Марта Арсовска- Томовска, денеска во Прилеп имаше средба со 40-ината раководители на институции во општината од културата, образованието и здравството.
Целта на средбата, според Арсовска- Томовска, е усогласување на актите и активностите во институциите со новите закони кои произлегуваат од реформата на јавната администрација.
- На 13. февруари на сила стапија новите закои кои произлегуваат од реформата на јавната администрација – Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници. Овие два закони наметнуваат обврски за сите институции во јавниот сектор. Затоа, целта на оваа посета е да ги информираме од прва рака одговорните лица кои се во јавните институции (јавните претпријатија, установите од образованието, културата, здравството) во Прилеп, а се околу 40-ина за активностите кои треба да ги преземат во рамки на оваа реформа, изјави Арсовска- Томовска.
Таа нагласи дека раководителите на иституциите во градот ќе добијат инструкции што треба да преземат во следниот период за да се остварат двете цели на јавната администрација.
- Двете главни цели на јавната администрација се: унапредување на организациската поставеност на институциите односно подобрување на работните процеси, надминување на „тесните грла“ и второ, унапредување на ефикасноста, квалитетот, динамиката на работата на вработените преку стручно усовршување и развој и оценување на нивната работа. Најдобрите ќе бидат мотивирани и наградувани и ќе бидат пример за другите за целта на ниванта работа која е во интерес на граѓаните, компаниите, за поефикасни услуги, објасни Арсовска- Томовска.
Според градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, законите се одлични и мора да се воспостави модерна и сервисно ориентирана јавна администрација.
- Ќе имаме средба со сите раководители на институциите во градот. Оваа средба е добредојдена за имплементирање на законските измени со што јавната дминистрација ќе биде модерна и сервисно ориентирана спрема граѓаните и фирмите, вели Ристески.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа