Со таблет-компјутери до поквалитетно образование за децата од социјално ранливите категории
Премиерот Никола Груевски најави нов проект со кој ќе им се помогне на децата од социјално ранливите категории да добијат поквалитетно образование со повеќе можности.
Имено, на масовниот собир кој во неделата се одржа во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, премиерот најави дека сите деца од оваа категорија ќе добијат бесплатен таблет компјутер со тастатура.
-Иако не дадовме ветување пред изборите, сепак деновиве работиме планирање на еден проект со кој сакаме на сите студенти, на сите државни и приватни универзитети, кои за првпат запишале трета или четврта година, а чиишто семејства немаат поголем месечен приход од просечна нето-плата во Македонија, која во моментот изнесува околу 21.500 денари, да им овозможиме бесплатно да дојдат до таблет со тастатура, сè со цел да им помогнеме да се здобијат со поквалитетно образование, со повеќе можности, шанси и еднаквост со тие чиишто родители имаат поголема заработка, посочи премиерот.
Груевски потсети дека е обезбеден и компјутер за секое дете во основните и во средните училишта, а како што вети, почнувајќи од оваа и од наредните две години ќе се изврши комплетна замена на истите со нови, посовремени.
-Достапноста и опфатноста на интернет е зголемена од 16 проценти на над 70 проценти. Додека беа тие на власт да добиеш мрежа за интернет беше еднакво како да добиеш бинго, рече премиерот.
За овој проект говореше и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Тој потенцира дека до крајот на годината сите студенти од трета и четврта година кои потекнуваат од семејства каде вкупниот приход е помал од просечната нето плата ќе добијат таблети.
- Се надеваме дека оваа мерка ќе предизвика позитивни ефекти и кај студентите и кај приватниот сектор и со тоа ќе има пораст на економијата, изјави Ивановски.
Ќе се доделат вкупно 300.000 таблет компјутери. Први ќе добијат таблети оние училишта каде нема компјутери, а потоа постепено ќе се заменуваат и компјутерите имајќи предвид дека нивната амортизација е од пет до шест години.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа