ВНИМАВАЈТЕ: Туларемијата зема замав, десетмина заболени - како да се заштитите?

 

 

Од јануари досега 10 лица во Македонија се заразени со туларемија. Десеттиот заболен е потврден денеска. Заболените се од скопско, од селото Каратманово во општина Лозово и од светиниколско. Министерството за здравство ја следи состојбата и во тек е седница на Комисијата за заразни болести на која се разгледува кои мерки се преземени и кои треба да се преземат во наредниот период.

Министерот за здравство Никола Тодоров пред почетокот на седницата на прес-конференција истакна дека голем дел од мерките се надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство чии претставници присуствуваат на седницата за да информираат кои мерки ги преземаат за спречување на ширење на заболувањето.

Посочи дека од вкупниот број заболени на Клиниката за инфективни болести се лекувале седум од кои три се лекувани болнички, а четири амбулантски. Од трите лица лекувани болнички, две се успешно излекувани и пуштени дома, а едно лице се уште е хоспитализирано и наскоро ќе биде пуштено дома.

Начините на кои човекот може да се зарази со туларемија се преку директен контакт со заразени животни, при каснување од крлежи, вошки и други инсекти, при вдишување прашина контаминирана со бактерија на туларемија, како и при пиење контаминирана вода или консумирање контаминирана храна (на пример, недоволно термички обработено месо, на температура пониска од 70 Целзиусови степени). Заболувањето не се пренесува од човек на човек. Преносител на заболувањето за животните. 

Со цел превенција и заштита од ширење на заболувањето, луѓето треба да избегнуваат секаков контакт со крлежи за време на престој во природа и да употребуваат соодветна заштита (ракавици, чизми, заштитни маски). Оваа препорака особено се однесува на лицата кои поради својата професија, или рекреативно, почесто престојуваат во природа или се во директен контакт со животни и нивни продукти. При евентуално каснување од крлеж, лицето треба да се јави на доктор, со цел отстранување на крлежот, како и совети за натамошен третман.

За превенција од ова заболување, особено е важно одржувањето лична хигиена, добро миење на овошјето и зеленчукот, добро термички обработена храна, пиење безбедна вода, да се избегнува капење во застоени води, како и храната да се чува покриена и заштитена од глодари или инсекти. 

 

 

Оцени ја веста

17.03.2015 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега