Македонија и Албанија потпишаа договор за социјално осигурување
Договор за социјално осигурување денеска беше потпишан помеѓу Република Македонија и Албанија. Со овој договор ќе се регулираат односите во областа на социјалното осигурување помеѓу двете држави. Албанија е 22-та земја по ред со кои Македонија досега има потпишано таков договор.
Договорот го потпишаа македонскиот министер за труд и социјална политика Диме Спасов и неговиот албански колега Ерион Велиај.
-Преку примената на овој договор ќе се овозможи усогласување на националните законодавства, еднаков третман на лицата на кои се применува договорот, здравствена заштита, болест и мајчинство, упатување на лекување, собирање на периодите на осигурување, одредби за давање во натура кои произлегуваат од здравственото осигурување и заштита, парични давања и друго, истакна министерот Спасов.
Спасов посочи дека овој договор се однесува на лица, а не само на државјани на двете договорени старни и спаѓа во редот на таканаречените „отворени договори“.
Договорот содржи одредби за права од пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување, осигурување во случај на повреда на работа и професионална болест.
Албанскиот министер за социјална сигурност и млади Ерион Велиај истакна дека со овој договор ќе бидат опфатени околу 300.000 македонски и албански граѓани кои гравитираат во двете држави.
Тој додаде дека овој договор нема да биде симболичен акт туку од него ќе имаат корист самите граѓани.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа