На дежурниот педијатриски пункт прегледани над илјада деца
Во дежурниот педијатриски пункт во поликлиниката „Јане Сандански“ во изминатите два месеца се прегледани над 1.110 деца и извршени над 1.200 лабораториски анализи, соопшти денеска Министерството за здравство.
Оттаму посочуваат дека ангажираноста на специјалистите педијатри и добрата опременост на дежурниот пункт овозможува најголем дел од пациентите потребната здравствена заштита да ја добијат во пунктот, при што на 64 деца им била направена инхалација, а на 37 им била дадена ампуларна терапија.
Најголем дел од прегледаните деца биле со горнореспираторни инфекции, фебрилни состојби и цревни инфекции. По направениот преглед, 82 деца биле упатени на терциерно ниво, од кои најголем дел односно 26 на Клиниката за детски болести, во Институтот за белодробни заболувања кај деца-Козле 17, во ГОБ „8 Септември“ и Детска хирургија 15, на Клиниката за инфективни болести 12, на Клиниката за уво, нос и грло девет деца, на Клиника за очни болести две и едно било упатено на максилофацијална хирургија.
Дежурниот педијатриски пункт во поликлиниката „Јане Сандански“ функционира од 9 јануари годинава и во него се ангажирани педијатри од Клиниката за детски болести, Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, Здравствениот дом Скопје, како и педијатри кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија како приватни здравствени установи.
Пунктот работи секој ден, од понеделник до сабота во периодот од 19:30 до 23 часот и во недела од 8 до 23 часот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа