Синтезис го отворија културното лето во Кисела Вода
Со концерт на групата „Синтезис” синоќа беше отворено осмото издание на културното лето „Три круши 2013“ во скопската општина Кисела Вода, кое годинава се одржува под мотото „Бранувано Културно Три круши 2013. лето”.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Општината Билјана Беличанец – Алексиќ, која во својот говор посочи дека од самиот зачеток културното лето ги оправда очекувањата и со бројните домашни и странски гостувања, со шареноликата културна програма која ја понуди, прерасна во престижна културна манифестација.
- Во предвечерието на големиот христијански празник „Духовден”, Општина Кисела Вода со благослов на црквата ја продолжува традицијата. На тој начин се навраќаме на корените и ја покажуваме нераскинливата врска на граѓаните со ова свето, црковно место, порача градоначалникот Беличанец - Алексиќ.
Таа се осврна и на работата на општината во изминатите два месеци и посочи дека понекогаш е тешко да се видат резултатите веднаш, но фаќањето вкостец со повеќедецениските наталожени комунални проблеми, треба да се одвива со планско, систематично и практично темпо.
- Овогодинешното културно лето кое се реализира под мотото “Бранувано Три круши 2013-то културно лето”, се карактеризира со неколку елементи кои произлегоа токму од Вас – граѓаните. Програмата се подготвуваше во дослух со граѓаните, а локациите на изведба на овогодинешните манифестации се дисперзирани низ целата територија на општината, рече Беличанец - Алексиќ.
На отворањето на културната манифестација настапија и претставниците на црковно-византискиот хор „Хармосини” под диригентското водство на Ристо Солучнев, по што следеше брилијантниот едночасовен концерт на македонскиот и светски музички бренд, етно-групата „Синтезис”.
Забавата ќе продолжи во сабота на верско-рекреативниот центар „Три Круши”, со гостување на Драмскиот театар со претставата „Последните Македонци”.
Културни настани годинава ќе се реализираат и во парковите „Фредерик Шопен” и „Македонија”, како и во подрачното училиште „Кузман Јосифовски – Питу” во Црниче. За сите заинтересирани граѓани и годинава, Општина Кисела Вода обезбеди бесплатен автобуски превоз до локациите каде ќе се одржат културните манифестации.
ФОТО: Журнал