Груевски: Народот избира кој ќе формира влада, а кој не
Премиерот Никола Груевски на денешната трибина во „Борис Трајковски“, на која се собраа повеќе од 50.000 граѓани, симпатизери, подржувачи и членови на СДСМ, даде одговор на условите што лидерот на опозицијата, Зоран Заев ги упати од Универзалната сала до Владата и до владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
-Заев бара нов обвинител. За нас важно е обвинителот да се однесува по словото на законот. Јас сум убеден дека сегашниот обвинител тоа го прави. Инаку, такви докази има против лицето З.З., што и Вице, брат му да е обвинител ќе му биде непријатно кога ќе ги види доказите. Од друга страна, ние сме подготвени за сите работи за кои постојат сомневања, а се однесуваат на наши членови или раководни лица, да бидеме максимално кооперативни и да го почитуваме законот. Времето ќе искристализира многу работи, ќе падне маглата посеана од лажните обвинувања, од драматуршките воведи на прес-конференциите и настаните на опозицијата кои даваат контекст на случувањата, ќе паднат пердувите и ќе се види целата вистина. Ние тоа го сакаме. Времето е одговор на сѐ. Во тоа сум убеден – рече премиерот Никола Греуевски одговарајќи на барањето на Заев за нов обвинител.
За барањето за смена на директорот на МТВ, Груевски рече:
Замислете главна фигура во државата стана директорот на МТВ и сега тоа е проблем што нема демократија во државата. Си викам Бранко порано барем поубедливи услови и барања поставуваше, некако попаметно го изведуваше сето тоа. Туку ај да не го споменуваме, ќе треба потоа да му се извинува, па Жерновски да објаснува дека без него немало да победи. Ги гледавте завчера, нели. Многу непријатно. Просто срам да те фати вака од што гледаш. Им се испуштило, не го исекле како што треба, па толку се уплашени од Бранко што дури и признаа дека ги сечат материјалите што ги пласираат во јавност, што е сериозен скандал сам по себе. Ама стравот им бил поголем. Си рекле остај подобро дополнително да се избрукаме и да признаеме дека сечеме и монтираме, отколку Б.Ц. да се подналути. А тој кога ќе се подналути, опасен е, па може да почне да потсетува за секој од нивното сегашно раководство, да почне да вади материјали, да потсети дека Верушевски прво за него работеше. Значи многу незгоден. И овие си се повлекоа, си поплукаа по себе и веднаш престројување во битката против диктатурата.
Лидерот на позицијата одговори и на барањето за преодна влада. Вели:
Е во врска со ова сакам да порачам дека барањето за преодна влада во Македонија е можно и остварливо. Но, без ВМРО-ДПМНЕ во неа. Ние сме сметале и секогаш ќе сметаме дека народот е тој што дава мандат и легитимност на избори и дека народот избира кој ќе формира влада а кој не, кој ќе биде, а кој не во неа. Со формирање преодна влада се отвора простор за сериозен преседан, кој потоа лесно може да биде предмет на конфликтност меѓу партиите. Одат и понатаму, посебно Заев, кој вели дека требало потоа да се решаваат големи прашања и да се оди напред. Аха. Значи тоа е поентата. Па така бе Заев. Кажи си директно, а не да ни заобиколуваш. Па и самиот знаеш дека тоа е поентата на се ова што се случува, големите прашања, а не ти. Ти можеш само да шпекулираш, креираш, дополнително да сечеш материјали, да ги рушиш позициите на државата свесно, обидувајќи се да ја искривиш реалноста – рече Груевски и додаде:
Е кога сме кај големите прашања, ние имаме јасен и дециден став и не ни треба преодна влада за да ни држи страв или за да креира решенија кои ќе треба на сила да се истуркаат.
Тој потсети на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за важните директни прашања, кои се дел и од програмата на партијата:
а) ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија.
б) ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура.
в) ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено од страна на политичари поединци, влада или собрание без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можно решение.
4. Најважно за нашиот народ е прашањето Како сето ова ќе заврши. Ќе заврши со правна постапка согласно законите во Македонија. Правна постапка за секој за кој има сомневања и докази дека го прекршил законот, и за кој институциите на системот за кои ме радува што побараа и меѓународен мониторинг, а тоа и ние го поддржуваме, ќе ценат за што какви докази постојат и совесно и самостојно ќе одлучуваат. Инаку како и што досега истакнував ние сме подготвени за дијалог на принципиелни основи согласно досега јавно изнесените позиции. Ние сакаме и немаме никакви резерви да дискутираме за прашањата кои опозицијата ги отвора, за прашања кои се од интерес на граѓаните, изборите, медиумите и слично, но условувања и уцени тоа никогаш нема да прифатиме, посебно затоа што знаеме што стои зад тоа, и што се крие зад тоа.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа