Полицијата откри случаи на противправно впишување и стекнување имот
Полициската единица за економски и компјутерски криминал до Основно јавно обвинителство и Скопје со две кривични пријави предаде три лица, а дополнително ќе биде предадено уште едно лице за сторени четири дела, од кои две - „фалсификување исправа“ и по едно кривично дело - „помагање“ во врска со „фалсификување исправа“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Со првата кривична пријава се пријавени три лица, Е.С. (33) од Куманово за - „злоупотреба на службена положба и овластување“, И.П. (57) од Струмица за - “фалсификување исправа“ и С.С. (46) од Велес за - “помагање“.
Е.С., виш соработник во Одделение за катастарски операт-Сектор за спроведување на промени во катастарски операт во Агенција за катастар на недвижности-Скопје, на 18 март 2013 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување со тоа што врз основа на правосилна пресуда од Основен суд Скопје 2 Скопје од 30.12.2012 година извршил запишување промена во катастарот на недвижности во КО Чаир која се состои од недвижен имот-земјиште со површина од 11.992 метри квардатни запишано во имотен лист од сопственост на РМ во приватна сопственост на лице, без притоа да констатира и да го одбие предметот со оглед на тоа што во пресудата на местото оверено со печат „одлуката е правосилна“ било очигледно видно дека е вршена преправка во делот на датумот поточно годината на правосилноста.
Наместо да го одбие барањето со предметната пресуда тој го прифатил и го извршил запишувањето на промената во катастарот на недвижности со што овозможил спорната катастарска парцела противправно да се запише на име на лице и да се стекне со недвижен имот-земјиште во сопственост на државата со право на користење на Министерство за одбрана и Дирекција за регулација на реката Вардар. По ова, за истата катастарска парцела второпријавениот И.П. помогнат од третопријавената С.С. која му дала лични податоци од лицето на чије име требало да се запише катастарската парцела, со намера да го прикријат вистинскиот носител на сопственоста, направиле лажна исправа со невистинита содржина-нотарски акт од 20.03.2012 година, Договор за купопродажба на недвижен имот – гореспоменатото земјиште каде како продавач на наведеното земјиште е лицето, а како купувач е второпријавениот И.П. при што било наведено дека купопродажната цена е 55.000.000 денари за што е приложена и фалсификувана уплатница на наведениот износ. Наведениот договор го овериле со фалсификуван печат и потпис од нотар како и со фалсификуван печат и потпис од Град Скопје, Сектор за финансии со кои се потврдува дека второпријавениот И.П. ги има подмирено даночните обврски. Потоа на 1 април 2013 година ваквиот договор И.П. го доставил со Пријава за запишување на промена во катастар на недвижности, врз основа на кој била извршена промена во катастарот на недвижности со што противправно се стекнал со право на сопственост на недвижен имот-земјиште во површина од 11.992 метри квадратни, а во вредност од 5.996.000. денари, за кој износ ја оштетил Република Македонија. Против второпријавениот И.П. во претходниот период се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела „лесна телесна повреда“, „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „одземање моторно возило“, „тешка кражба“, „оштетување на туѓи предмети“ и „измама“, а против третопријавената С.С. за кривични дела „измама“, „фалсификување исправа“, „фалсификување исправа во обид“, „фалсификување пари“ и „кражба“
Врз основа на Наредба од страна на Судија на претходна постапка од Основен суд Струмица извршен е претрес во домот на И.П. при што кај него се пронајдени и одземени мобилен телефон, сим картичка и документација важна за кривичната постапка.
Со втората пријава, пак, пријавен е Г.С. (58) од Струмица, за сторено кривично дело - „фалсификување исправа“. Пријавениот откако направил лажна исправа со невистинита содржина - Договор за купопродажба за недвижен имот-земјиште кое се наоѓа во КО Чаир во површина од 4.517 метри квадратни, помеѓу Скопската бискупија како продавач и тој како купувач, го заверил со фалсификуван печат и потпис од нотар од 17 јули 2012 година и на 6 август 2012 година го доставил-употребил како вистинска исправа приложувајќи го со Пријава за запишување на промена во катастaр на недвижности. Врз основа на ваквиот договор била извршена промена во катастaрот на недвижности при што пријавениот Г.С. противправно се стекнал со право на сопственост на недвижен имот-земјиште во површина од 4.517 метри квадратни кое се наоѓа во КО Чаир.
Врз основа на наредба од судија на претходна постапка од Основен суд Струмица извршен е претрес во домот на пријавениот, при што се пронајдени и одземени мобилен телефон, сим картичка и нотес со телефонски броеви. Според крим евиденцијата на МВР против Г.С. претходно се поднесени кривични пријави за за кривични дела „недозволена трговија“ и „самовластие“
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа