Иванова: Жената рамноправен чинител во општествените процеси
Сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова, во рамки на работната посета на Кралството Мароко и учеството на форумот Кран Монтана, се обрати на специјална сесија на Форумот на африкански жени, чиј фокус годинава е имплементирање на родова еднаквост, жените во јавниот живот и во приватниот сектор и подобрување на образовниот систем за девојките.
- Жената во Република Македонија е се повеќе присутна не само во јавниот, туку и во приватниот сектор. Разбирајќи ги условите на пазарот, успешните жени менаџери ја внесуваат својата креативност и промовираат успешни општествено одговорни концепти во водењето бизнис, истакна Иванова.
Говорејќи за улогата на жената во македонското општество, Маја Иванова, јави известувачот на МИА, испрати порака до жените на африканскиот континент жената да стане рамноправен чинител во општествените процеси.
- Мојата земја презеде многу значајни чекори и конкретни мерки за подобрување на општествената улога на жената. На патот на промените, во секој сегмент од моето работење, ги поддржувам проектите кои го промовираат учеството и позицијата на жените општествените текови и подобрувањето на општествениот развој. Како покртовител, но и како активен учесник, преку ангажирање на сите видови расположливи општествени ресурси, се трудам да помогнам да се постигне што повеќе за таа цел, рече Иванова.
Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива, додаде, е симбиоза на две нешта: вековните традиции, културата и менталитет на македонскиот народ, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во независна Македонија, од друга страна.
- Република Македонија меѓу првите држави во Европа воведе квота со која на изборните листи секое трето место ѝ е доделено на жена-кандидат. Благодарение на гарантираното учество на жената во претставничките тела на централно и локално ниво, денес сè поголем број од пратениците, општинските советници, но и меѓу министрите и вршителите на високи државни функции се токму жените, рече Иванова.
Таа укажа на фактот дека во Македонија е унапредена и законската регулатива во областа на родовата еднаквост, еднаквите можности и забраната од дискриминација, усвоени се закони кои ги штитат и подобруваат правата на жените во областа на образованието, изборниот законик, работните односи, социјалната заштита, здравството, политичките партии, семејството...
Во однос на образованието, повикувајќи се на мудроста „Државата што не ги образува жените не може да напредува,“ истакна дека државата и цивилното општество во Република Македонија посветуваат големо внимание на интегрирање на жените во македонскиот образовен процес. - Сакам да знаете дека Република Македонија и јас лично сме отворени за соработка. Секоја од нас од денешниот настан треба да замине со една дополнителна обврска – да ја препознае и поттикне секоја жена која е подготвена да даде поширок општествен придонес, да ја охрабри и поддржи во остварувањето на нејзината цел, и, секако, да придонесе во вистинско вреднување на нејзиниот успех. Токму така, преку меѓусебна поддршка, ќе успееме во промените, ќе успееме да се соочиме со предизвиците, ќе успееме да ги надминеме разочарувањата и ќе ги прославиме успесите како поттик и инспирација за иднината, порача сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова од Форумот на африкански жени во Дакла.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа