Деветтата симфонија на Бетовен ќе го отвори Скопско лето 2013

Во Македонската опера и балет вечер свечено ќе биде отворена 34. летна културна манифестација на главниот град „Скопско лето“. Отворањето ќе биде со Деветтата симфонија на Бетовен во изведба на 26-член мешан хор од Јапонија заедно со комплетниот состав на Хорот и Оркестарот на МОБ.

Концертот ќе го води  јапонскиот диригент Шунго Моријама, а  солисти ќе бидат сопранистката Еми Хишики и баритонот Кеизуке Отани од Јапонија и мецосопранот Ирена Кавкалевска и тенорот Ѓорѓи Цуцковски од Македонија. Во „Мала станица“ претходно ќе биде отворена изложба на Марија Светиева за 27 години од нејзиното ликовно творештво.

На „Скопско лето“ годинава ќе има околу 2.000 учесници од Македонија и од над 20 земји, 70 програмски содржини кои ќе се одржуваат на отворените простори низ градот, а главни локации се МОБ, платото пред Универзалната сала и скопската чаршија.

- Активностите годинава се во сеќавање на 50 години од скопскиот земјотрес и потсетување на светската солидарност, како и на 50-те години од Елисејскиот договор меѓу Франција и Германија и 50 години од Музичка младина на Македонија, рече на прес-конференција Мирко Стефановски од Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.  

најчитано сега