ГДОМ: Со овој преврат некој сака да не врати онаму каде што бевме во 2001-ва
Во преполната сала „Расадник“ синоќа беше одржана трибина на Граѓанското движење за одбрана на Македонија.
Заедничката порака на говорниците е дека по којзнае кој пат во историјата, Македонците се жртви на едно антимакедонско сценарио и велепредавство. Уште посогласни беа говорниците Велиновска, Неделковски, Ачковска, Михајловски, Пандов, дека македонскиот народ нема да дозволи да успее “ударот“ кој на Македонија сака да и го нанесе внатрешен непријател.
Бидејќи народот довербата на избори ја дава на одредена политичка гарнитура која не им одговара на оние кои ја инспирираат дестабилизацијата на Македонија, СДСМ бара начин да го премостат македонскиот гласач, заклучи новинарката Мирка Велиновска на вчерашната трибина на ГДОМ во Кисела Вода.
-Ако гледате надвор од овие слики што ни ги проектираат тие што учествуваат како квислинзи во ова, како платени соработници на странски служби, ако го гледате фактите ќе видите дека цел месец ние гледаме како се подготвува македонскиот народ за поделба, се подготвува терен за граѓанска војна што никогаш не сме го имале како искуство. Исклучени се од оваа игра албанските политички фактори, албанската популација и другите малцинства. Исклучени се и носителите на функции на СДСМ. Точно гледате дека е таргетиран македонскиот гласач кој во девет циклуси едно по друго дава доверба на една политичка структура, истакна Велиновска.
Таа ги повика сите без разлика за кого гласале, да се запрашаат кој би можел да го подготви ваквото сценарио.
-За Зоран Заев и неговите помагачи воопшто не сакам да разговарам. Мене ми е под секое ниво, под честа на секој Македонец. Платеници има секаде. За нив ништо не значи ни зборот земја, ни држава ништо не значи. Тие си профитираат од ова. Луѓето се викаат секаде во свет чин на војната. Тие се марионети, истакна Велиновска.
Таквите марионети, рече новинарката, секаде во светот се употребуваат да направат белја за своите народи.
-Некој во Македонија со овој преврат сака да не врати онаму каде што бевме во 2001-ва година. Не случајно истото сценарио е избрано. И 2001-ва ни почна со „Големото уво“, аферата прислушување. И оваа така почна. Се бара начин бидејќи народот довербата на избори ја дава на одредена политичка гарнитура која не им одговара на оние кои ја инспирираат дестабилизацијата на Македонија, тие бараат начин да го премостат македонскиот гласач, заклучи новинарката.
Професорката Виолета Ачковска во своето обраќање пред скопјани оцени дека Македонците повторно се жртви на едно антимакедонско сценарио и велепредавство.
- Знаеме што значеа туѓите пропаганди, инволвираноста на туѓите интереси и сили во македонското национално ткиво. Со децении ги делеле Македонците, да се мразат брат со брат и да не може да се осознаат како Македонци. За жал таа трагична историја ја доживуваме и ден денеска, рече професорката Ачковска.
Според неа, само доколку македонскиот народ е обединет може да ја одбрани државата.
– Дали ќе го опстоиме како држава и дали ќе го сочуваме своето национално единство зависи од нас, Македонците. Ако сме заедно и обединети, тогаш сме посилни и само така можеме да ја сочуваме нашата држава на ова балканско парче земја кое е изложено на многу сурови ветришта, нагласи Ачковска.
Интелектуалци, професори, актери, новинари и огромен број на граѓани застануваат зад Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Со моќни пораки искажани од цела земја, тие порачуваат дека Македонија има кој да ја одбрани од сите кои сакаат да и наштетат.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа