Црна Гора го зголеми ДДВ од 17 на 19 отсто
Црногорскиот парламент вчера го донесе законот со кој Данокот на додадена вредност (ДДВ) се зголемува од 17 на 19 проценти, соопшти црногорското електронско издание „Побједа“.
Новиот закон беше донесен со 42 гласа „за“, 34 „против“ и еден „воздржан“.
Со новиот ДДВ владата очекува приходите во буџетот да се зголемат за 35-40 милиони евра годишно.
Поднесувајќи го предлопг законот за ДДВ, владата истакна дека зголемувањето на данокот за два процента при зачувување на понизок данок од седум проценти за определени стоки и услуги нема да се одрази врз стандардот на граѓаните, но ќе придонесе за намалување на буџетскиот дефицит.
Со понизок ДДВ од седум проценти, како и досега, ќе се оптоваруваат главните прехранбени производи (леб, брашно, млеко и млечни производи, бебешка храна, масло, месо и шеќер), лекарства, книги и учебни помагала, весници, компјутерска опрема, ноќевања за туристи, јавниот транспорт, погребалните услуги, билети за спортски и културни настани.