Грција сака до крајот на јуни да го продаде уделот во државната лотарија

Грција сака до крајот на месецот да го продаде својот дел во државниот лотариски бизнис, за да го расчисти патот за приватизација на државната компанија за спортски вложувања ОПАП, изјави извршниот директор на Агенцијата за приватизација Андреас Тапрандѕис, цитиран од весникот „Катимерини“.

Грција минатиот месец се согласи да продаде 33-процентен дел од ОПАП на грчко-чешкиот фонд „Емма Делта“ (Емма Делта) за 712 милиони евра.

Тоа е првата голема приватизациска зделка, спроведена во услови на актуелната меѓународна спасувачка програма.

Но, продажбата на ОПАП е доведена во прашање заради одлагањата на продажбата на 12-годишната државна лиценца за лотарија на конзорциум раководен од ОПАП.

-Ние се обидуваме да го завршиме договорот (за државната лотарија) до крајот на месецот, рече Тапрандѕис за британските медиуми. „Тоа е поврзано со приватизацијата на ОПАП, која треба за заврши, така што тоа треба да го направиме“, дополни тој.

Конзорциумот што го раководи ОПАП, а кој победи на тендерот за државна лотарија минатата година, ги вклучува доставувачите на лотариските системи Сајантифик гејмс  и Интралот.

Извори блиски до преговорите изјавија дека грчко-чешкиот фонд „Емма Делта“ изразил загриженост за таксите што ОПАП ќе им ги плати на своите партнери за печат и технолошки услуги, неопходни за лотаријата, како и за нивното право да ставаат вето на одлуките на бордот.

Официјални лица кажаа дека ОПАП работи на прашањето, пишува „Катимерини“.

Атина презеде обврска пред меѓународните кредитори до крајот на годината од продажбата на државен имот и активи да собере 2,5 милијарди евра. Сумата веројатно ќе биде за околу милијарда евра помала, откако Атина не успеа да привлече инвеститори за гасната компанија ДЕПА, забелжува „Катимерини“