Бесими побара поддршка од европските амбасадори во Македонија

Вицепремиерот Фатмир Бесими, денеска оствари средба со амбасадорот на Европска Унија во Македонија  Аиво Орав и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија, на која ги информираше за остварениот напредок на Република Македонија во пресрет на јунскиот самит на Европскиот совет, соопштија од Секретаријатот за евроинтеграции.

Амбасадорите биле информирани за реализираните средби со неговите хомолози во неколкуте земји членки во рамки на остварените посети, како и за остварувањето на реформите во клучните области опфатени во Пристапниот дијалог на високо ниво.

На средбата биле истакнати активностите преземени за адресирање на една од клучните приоритети од Пристапниот дијалог на високо ниво, слободата на изразување и медиумите.

Од таму информираат дека бил даден осврт за формирањето на анкетната комисија која според Бесими ќе придонесе за подобрување на дијалогот со новинарите и адресирање на другите отворени прашања од областа на слободата на изразување и настаните од 24 декември 2012 година.

Амбасадорите го поздравиле формирањето на анкетната комисија за настаните од 24 декември и дека очекуваат комисијата да излезе со конкретни предлози и решенија за надминување на оваа ситуација, како и важноста од интензивирање на дијалогот и комуникацијата со медиумите по однос на отворените прашања.

Исто така, од нивна страна било укажано за потребата за потпишување на меѓу-партиски Меморандум со кој ќе се утврди заложбата на сите релевантни страни кон процесот на евроинтеграција.

Тие ја истакнале важноста на решавањето на напорите на Македонија за унапредување на добрососедските односи, но укажале и за продолжување на овие активности со посебен акцент за потребата од брзо изнаоѓање на заемно прифатливо решение на прашањето со името.

најчитано сега