Компаниите во Македонија да вложуваат во интернет маркетинг
Компаниите и медиумите во Македонија ја препознаваат новата ера за развој со помош на интернет маркетингот и социјалните мрежи. Се поголемата употреба на интернетот отвора можности за успех и во време на криза со добри идеи и бизнис планови и практикување современ маркетинг пристап.
Тоа се дел од оценките на учесниците на Go click и Google конференцијата за современ маркетинг, што се одржува денеска во Скопје, во организација на специјализираната регионална агенција за интернет-маркетинг Goclick, најголем регионален партнер на гигантот Google.
Предавачите на конференцијата, меѓународни специјалисти во областа, пред претставници на извозно ориентирани компании ги претставуваат можностите за поефективно пристапување на домашните и на странските пазари. Тие изнесуваат детали за успешен маркетинг на интернет, како најатрактивен медиум за огласување и привлекување клиенти и корисници.
Лука Нахбар Цвикл, специјалист за социјални мрежи во компанијата Goclick од Словенија, истакна дека компаниите треба да вложуваат во интернет маркетингот за да можат да имаат резултати и во услови на голема конкуренција и економска криза.
- Во Македонија треба се повеќе да се дискутира за интернет маркетинг и на луѓето да им се укаже дека вреди треба да направат обиди за вложување што повеќе пари во интернет маркетингот. На македонскиот пазар има потенцијал бидејќи Македонија е една од државите со највисока пенетрација во Европа, изјави Цвикл.
Според него, основа за успешно работење за секоја компанија се добра идеја, добар бизнис план и креативен маркетинг. Во услови кога се помалку се огласува на телевизија, радио и во весници, треба да се искористат потенцијалите на интернет огалсувањето, оцени Цвикл, укажувајќи дека првенствено е потребна веб страница со убав дизјан и лесен пристап до информациите за задржување на постојните и привлекување нови потрошувачи и клиенти.
Александра Лелов, основач на GoClick, оцени дека е добро што компаниите сакаат да научат за различните маркетинг активности, како да придобијат нови купувачи, да изградат бренд и да го подобрат односот со потрошувачот.
- Потенцијалите на интернет маркетингот се препознаени. Интернетот драстично им го смени животот и на компаниите и на потрошувачите. Компаниите треба да се приспособат на сите промени, да го следат развојот и да ги искористат можностите од интернетот и новите технологии, рече Лелов на отворањето на конференцијата.
ФОТО: МИА