Попоски денеска на состанок на НАТО во Брисел
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска во седиштето на Северно-атлантската алијанса во Брисел ќе присуствува на состанок на Северно-атлантскиот совет на НАТО со земјите-контрибутори во ИСАФ-мисијата во Авганистан на министерско ниво.
Попоски и останатите министри попладне ќе го усвојат извештајот за адаптација на постојниот доверителен фонд за финансирање на авганистанските безбедносни сили, ќе ја слушнат оценката за прогресот на ИСАФ во Авганистан, како и правните основи за учество во новата мисија по 2014 година.
Во рамки на неговата посета на седиштето на Алијансата, шефот на македонската дипломатија ќе има билатерални средби со министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Мареј МекКали и со британскиот министер за Европа, Дејвид Лидингтон.
Перспективите за евро-атлантската интеграција на Република Македонија, ИСАФ-мисијата во Авганистан и кандидатурата на Нов Зеланд за безбедносниот совет на Обединетите нации за периодот јануари 2015 - декември 2016 година, се очекува да бидат темите на разговор на Попоски со неговите колеги од Нов Зеланд и Велика Британија.
Вечер, исто така во НАТО, министерот Попоски ќе присуствува и на состанокот три плус четири на Романија, Турција и Полска (како НАТО-членки) со Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија (како земји-кандидати за членство во Алијансата).