Протестите не ги вознемирија Македонците во Турција
Ниту еден македонски државјанин во Турција досега не побарал помош од Амбасадата на Република Македонија поради нередите што се случуваат во Истанбул, изјави денеска македонскиот амбасадор во Турција Горан Тасковски.
- Можам да кажам дека тоа што се случува во Турција е внатрешна работа на земјата со која тие се справуваат како што мислат дека е најдобро. До денешниот ден ниту еден македонски граѓанин нема побарано помош или пријавено дека нешто негативно му се случило. Целта на протестите се нивните внатрешни несогласувања и барања. Ние како странци, како дипломати или како обични граѓани од други држави немаме никаква поврзаност со тоа и засега нема никакви проблеми, рече Тасковски.
Македонскиот амбасадор во Турција, која денеска во Штип се сретна со градоначалникот Илчо Захариев, истакна дека во септември повеќе градоначалници од земјава ќе бидат гости на форум во Измир, на кој ќе ги презентираат индустриските зони, но и се што нудат општините за инвеститорите од Егејскиот дел на Турција.
- Ние продолжуваме со нашиот циклус на посети на градоначалници и на општините во Република Македонија, каде нашата цел е да прибираме информации и на некој начин да ги доближиме нашите општини до бизнисмените и инвеститорите во Турција, вели Тасковски.
Тој го информираше штипскиот градоначалник дека бизнисмен од Измир е заинтересиран за отварање на фабрика за шиење спортска облека. Захариев му ги презентираше можностите на индустриските зони и на Технолошко индустриската зона, локации каде што инвеститорот би можел да ја отвори својата фабрика.
- Ние имаме неколку можности на инвеститорот може да му дадеме простор во Технолошко индустриската зона, каде Владата дава многу поволности и индустриската зона во пранешна Македонка, која нуди можност да се отворат повеќе фабрики. Знаете дека просторот е слободен и неискористен и лично мислам дека ако „Џонсон контролс“ за два месеца се сели во новата Технолошко индустриска развојна зона, а тоа е погонот на поранешен Политекс, кој кондиционо и опремен за да веднаш прими странски инвеститор, рече Захариев.
Тој додаде дека Општина Штип е заинтересирана за учеството на форумот во Измир во септември, со цел да ги запознае турските бизнисмени со можностите и поволните услови што ги нуди градот и на еден начин да ги мотивира нашите иселеници да инвестираат во Македонија.