Ѓукановиќ. Навивам за Македонија да ги стартува преговорите со ЕУ
Премиерот на Црна Гота Мило Ѓукановиќ денеска од Брисел порача дека тој навива Македонија и Србија да добијат датум за почеток на пристапните преговори на претстојниот Самит на Европскиот совет.
Во рамки на неговата посета на европската престолнина и денешните средби со европските челници, Ѓукановиќ одговори на прашањето на дописникот на МИА од Брисел дали навива Македонија и Србија на претстојниот Самит да не добијат датум за преговори со цел Црна Гора да биде единствената земја во процес на преговори со Унијата, со оглед на откажувањето на Исланд.
- Никако! Ние во Црна Гора многу навиваме сите други земји од регионот да се приклучат и да воспостават максимално темпо на пристап кон ЕУ. Ние внимателно следиме што се случува во Унијата, регистриравме што се случи со Исланд и сметаме дека секоја регионална приказна има свои специфичности. Балканот е поинаква приказна од Исланд. На нас во Црна Гора ни се чини дека е поголем императив европската интеграција на земјите од Западен Балкан, отколку на други земји од Европа оти искуството не учи дека нашите алтернативи се далеку поопасни, порача Ѓукановиќ.
Според првиот човек на Владата на Црна Гора, земја која е во интензивни преговори со ЕУ, многу е важно да се испратат позитивни импулси на покренување на Западниот Балкан, оти според него за овој регион нема алтернатива. Според Ѓукановиќ, во интерес на сопствената стабилност, економскиот и политички развој на земјите од Западен Балкан е тие силно да одат на патот кон евроинтеграцијата.
- Многу добро би било доколку Македонија што побрзо да го деблокира процесот, да тргне напред. А капитално важен е договорот Србија и Косово, па како најголема земја во регионот, Србија со својата инерција, сила и енергија да даде дополнителен импулс на добро темпо што регионот треба да го оствари во наредниот период, заклучува Ѓукановиќ.