Македонија веќе не е азилантска закана за ЕУ

 

 

Европската канцеларија за статистика (Евростат) денеска излезе со статистички податок за бројот на лица што барале и добиле азил во земјите-членки на Европската унија минатата година. Според податоците на Евростат, Македонија не е повеќе земја од каде има закана за баратели на азил.

Од вкупно 407.300 барања за азил, само 102.700 лица добиле заштита во Унијата, при што во ниту една од 27-те земји-членки во првите пет групи на лица што побарале заштита нема граѓани на Македонија, ниту од Србија и Босна и Херцеговина, со што се потврдува дека владите на земјите од Западен Балкан презеле сериозни мерки во меѓувреме со што е запрен приливот на азиланти поради кој ЕУ се закануваше и со укинување на безвизниот режим.

Иако Европската комисија побара воведување на механизам наречен „заштитна клаузула“ со кој ќе може привремено да го укинува безвизниот режим за некои држави што извезуваат најголем број на азиланти, тој поради несогласување не поминува ниту во Европскиот парламент, ниту на Советот на министри, па како солуција минатиот месец се усвои заеднички систем за прием на азиланти во Унијата. Со оглед на надолниот тренд на азиланти, посебно од земјите од Западен Балкан, за очекување е овој механизам на Комисијата воопшто и да отпадне од комбинација со оглед на тоа што е веќе излишен.

Инаку, точно 102.700 баратели на азил добиле заштита во 27-те земји-членки на Европската унија минатата година. Ова е речиси 20 илјади повеќе одобрени барања за азил во споредба со 2011 година кога 84.300 лица добиле азил во границите на Унијата, покажуваат денеска објавените резултати на Европската канцеларија за статистика - Евростат, по повод Денот на бегалците во четврток (20. јуни). Речиси две третини од одобрените барања за азил се во четири земји: Германија (22.200 лица добиле азил), Шведска (15.300), Велика Британија (14.600) и Франција (14.300). Притоа, најголема група на корисници на статус на заштита во ЕУ имаат граѓани од Сирија (18.700 лица) или 18 отсто од целосната бројка на одобрени барања за азил за лани, по нив следуваат Авганистанците (13.500 лица или 13%) и Сомалијците (8.100 или 8%).

Иако за почетокот на 2012 година во листата на први три земји што „извезле“ најмногу баратели на азил во некои земји-членки на ЕУ се најдоа и Србија, Босна, Црна Гора и Албанија (Македонија и тогаш не беше на листата „опасни“ земји), овојпат на листата само фигурира Косово чии државјани се трети на листата на азиланти во Луксембург, каде се осум проценти или само пет лица побарале азил од вкупно 20-те за 2012 година.

Според Евростат, дури 407.300 одлуки во однос на барања за азил биле донесени во 2012 година во ЕУ од кои 274.500 биле одлуки на прв степен, а 132.800 биле конечни одлуки по жалба, при што 77.300 лица добиле азил со првостепена одлука, а 25.400 лица добиле заштитен статус по упатените жалби.. Во целосната бројка од 102.700 лица што добиле заштитен статус минатата година, 51.400 се со бегалски статус (што е 50 проценти од сите позитивни одлуки), 37.100 со супсидијарна заштита (36%) и 14.200 лица добиле дозвола за престој поради хуманитарни причини. Како дополнение, 4.500 раселени бегалци биле примени.

Инаку од 18.700 Сиријци што добиле азил во Унијата, 70 проценти се сместени во две држави: Германија (8.400 лица) и Шведска (5.000), а од 13.500 лица од Авганистан, 3.200 азиланти примила Германија, 2.800 лица Шведска, 1.900 Австрија и 1.500 Белгија. Од 8.100 азиланти од Сомалија, пак, 2.100 лица примила Шведска и по 1.100 лица се сместени на Малта и во Холандија.

најчитано сега