Почина познат македонски писател

Денеска во 72. година од животот почина писателот за деца и возрасни Мице Пашоевски од Демир Капија, кој целиот свој работен век го мина како новинар и културен активист.

Пашоевски беше роден 1943 година во Егејска Македонија. Уште од мал соработувал со многу списанија а првата книга проза со наслов „Искушение” ја објавил во 1980 година. Оттогаш па наваму ги објавил книгите „Писмо”, „Препознавање”, „Враќање”, „Стапица”, „Снегулка”, „Вжарени искри”, „Приказни од животот”, „Анализа”, „Видовитата девојка”, „Не можам да ти простам два пати” и романот објавен во повеќе продолженија во весникот Нова Македонија, „Вториот живот на Ѓорѓи”. За печат ги  имаше  подготвено книгата со детски песни „Кажи златно сонце” и драматизираната детска сказна „Дедо Мраз со внуците кај нас”. За потребите на аматерските театри во земјава ги има драматизирано романите „Ајдучка чешма” од Видое Подгорец, „Калеш Анѓа” од Стале Попов и детските сказни „Аловото цвеќенце”, „Снежана и седумте џуџиња” и „Свињарот”.

Пашоевски работеше како дописник од Неготино и Демир Капија за “Нова Македонија” и “Вечер”, беше соработник на македонското радио, радио Скопје, а пишуваше и за многу други весници.

Од 1963 година се ангажираше за развојот и збогатувањето на културно забавниот живот во Демир Капија и во населените места на општина Неготино. Тој беше еден од двајцата иницијатори за формирање на драмска секција во Демир Капија која подоцна прерасна во аматерски театар, носејќи го името на хероината Мирка Гинова. Со уште неколкумина други покрена иницијатива за формирање на дом на култура во Демир Капија со истоименото име, во кој функционираат театарот и културното уметничко друштво. Таму и самиот работеше неколку години, а домот е еден од најактивните во државата.

Пашоевски и по пензионирањето даде придонес во културното живеење на Демир Капија. Беше драмски актер но и режисер. За своите активности ги има добиено и највисоките општински награди во Неготино и Демир Капија.

Посмртните останки ќе бидат изложени утре од 12 до 13 часот во црквата „Света Богородица”,  а погребот во  13 часот на гробиштата во Демир Капија.

 

 

Оцени ја веста

18.02.2015 - 21:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега