Изградбата на патот Градско Прилеп ќе го заживее росоманско Сирково
Изградбата на брзиот пат Градско Прилеп ќе го заживее росоманското село Сирково кое ќе биде најблиску до оваа нова делница која е предвидена да се гради, рече денеска градоначалникот на Росоман Стојанче Лазов.
Поради изградбата на патот, појасни, малку е променет планот за комунална изградба во општината и наместо реконструкција на предвидениот пат од Росоман кон селата Манастирец и Трстеник, прво ќе биде реконструиран патот кон селото Сирково, па потоа тој кој води до двете села.
Експресниот пат, според Лазов, треба да донесе и побрз развој на економијата на општината. - Брзиот пат кон Прилеп ќе се прави за да се подобрат сообраќајот и безбедноста при патувањето во овој дел на државата, каде не ретко се случуваат сообраќајни незгоди, наведе Лазов.
Експресниот пат Градско Прилеп преку Росоман и Дреново ќе биде во должина од 33, 5 километри. Ќе се гради во три дела. Првиот дел,од Градско до Росоман до клучката за Кавадарци, е долг 16 километри, вториот ги опфаќа фаришката и дреновската клисура со должина од 10 километри и третиот од проширувањето кај Тројаци-Плетвар до влезот во Прилеп со 7,5 километри. Финансиите се обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој, од буџетот на Република Македонија и ИПА фондовите.
- Со изградбата ќе се стартува во втората половина на оваа година и тоа најпрвин со вториот дел од делницата кој ги опфаќа клисурите, бидејќи тоа е најтешката фаза од проектот. Потоа ќе се гради првиот, па третиот дел, велат од Јавното претпријатие за државни патишта
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа