АРМ го одбележаа Денот на Меѓународниот совет за воени спортови
Под мотото „Спорт за сите“ над три илјади припадници на АРМ во сите гарнизони, денеска одбележаа „18 февруари - Денот на Меѓународниот совет за воени спортови“ (МСВС).
На воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, десетиот по ред спортски ден, го отвори командантот на Здружено оперативната команда на АРМ, генерал-мајор Методија Величковски.
На денешните победници, кои се натпреваруваа во дисциплини: крос на 8 километри за мажи и на 4 километри за жени, мал фудбал, кошарка, одбојка, пинг-понг и шах, Величковски им порача дека нивната победа треба да ги одликува една рамноправна, но чесна игра, одлика на армиската професија.
Генералот Величковски истакна дека преку ваквите натпревари ќе се изврши селекција и ќе се одредат претставници на АРМ кои ќе ја претставуваат нашата армија на шестата воена олимпијада која ќе се одржи оваа година во Јужна Кореја.
На денешната свеченост по завршувањето на натпреварите, професионалниот војник Игор Цветановски од полкот за Специјални Операции беше прогласен за „Спортист на годината 2015“, а за неговото залагање за развојот на спортот во АРМ. По овој повод генералот Величковски му додели диплома и пехар со амблем на МСВС.
АРМ од 2005 година е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови, со што се стекна со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна асоцијација на воените спортови.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа