На крајот: Сите гледаат како тоне Заев

Зоран Заев, претседателот на опозициската партија СДСМ продолжува да ги објавува неовластено стекнатите разговори, а власта не го замолчува својот политички конкурент, пишува „Курир“.

Заев од сите страни е “пуштен низ вода“, а неговиот политички противник го остава да се “дозакопа“ како политичар. Но, она што лидерот од Бихаќка го најави како „бомба“, одекна само како експлозија во неговото тесно опкружување.

Заев тоне во сопствените лаги. Излегува и се демантира самиот себе, покажувајќи ја пред јавноста својата дволична природа и нестабилност.

Се заплеткува во своите обвинувања, а со тоа само губи во очите на јавноста. Македонските граѓани јасно покажаа дека не сакаат и нема да дозволат деструкција, која некој има очигледна цел да им ја наметне. Македонскиот народ безброј пати досега покажа дека сака проекти, програма, вработувања, а не закани, деструкција и манипулација.

-Се работи за два различни пристапа кои се применуваат од страна на двете партии. Едната, ВМРО-ДПМНЕ инсистира на институционален начин на политичко и правно дејствување, со почитување на правната рамка, на правните механизми и на правните средства, додека СДСМ, не ги почитува институциите на системот, создава состојба на криминоген ризик во кој намерно ја втерува цела држава и сите нејзини граѓани, создава состојба на страв и неизвесност, состојба на повреда на правната сигурност на граѓаните, заради сопствени цели-доаѓање на власт по секоја цена без легитимитет и изборна борба. Мислам дека институциите на правосудниот систем на Република Македонија, пред се, јавното обвинителство ќе мора да го забрза сопственото делување и соодветно постапување, во смисла на оформување квалитетен обвинителен акт против лидерот на СДСМ, во кој ќе бидат земени предвид сите досегашни негови постапувања и активности. Во оваа смисла е потребно и проширување на обвинителниот акт со казниви дела кои во меѓувреме ги сторува г-динот Заев, и кои во судска процедура треба да бидат решени на правен и праведен начин, како што налага процедурата, вели за „Курир“ универзитетската професорка Татјана Каракамишева.

Она што јавноста најмалку го посакува и на што најмногу се противи е странско мешање во домашните работи.

Лидерот на опозицијата токму тоа се обиде да им го наметне, покажувајќи и докажувајќи дека тој соработува со странски разузнавачки центри, а тие преку него ја остваруваат својата цел да и наштетат на Република Македонија.

Но, она што како бумеранг го доби Заев, е уште една дамка на политичката кариера, уште еден чекор до политички потоп.

-Она што мене ми остава особен впечаток е дека овој непримерен однос на лидерот на опозицијата го означува почетокот на крајот на една тоталитаристичка и крајно декадентна левица и дека истиот претставува школски пример кој ќе се изучува во учебните помагала во иднина за тоа што се еден опозициски лидер не треба да стори во битката за освојување на електорат и власт. Секако тука е и правната рамка со која сосема јасно и децидно е утврдено дека објавувањето на приватните разговори на граѓаните на Република Македонија е казниво дело од минимум четири години затвор, како и дека основаното сомнение за соработка со странските служби претставува сериозна закана и за приватноста на граѓаните, како и за државниот поредок, вели Додовска за Курир.

Македонската јавност виде дека Зоран Заев заканувајќи му се на премиерот Груевски, јасно му дава на знаење дека материјалите ги стекнал од странските служби.

Заев пред јавноста обвини дека наредбодавачот за прислушување е првиот човек на УБК, Сашо Мијалков. Но, по само неколку дена Заев објави материјал од телефонски разговор на Мијалков, кој по сите логики не би можел самиот себе да се прислушува. Напротив, директорот на УБК им бил „цел“ на оние кои прислушувале.

Ова уште еднаш докажува и потврдува дека „пријателите од надвор“, како што Заев ги пишува во писмото до Верушевски, се токму оние кои сакаат да и наштетат на Македонија прислушувајќи македонски граѓани.

За нивна среќа, во земјава има човек како Зоран Заев кој со две раце се стрчал кон материјалите кои ќе и нанесат штета единствено на нашата нација.

 

 

Оцени ја веста

17.02.2015 - 22:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега