Фондот за иновации обезбеди 2,2 милиони евра за финансирање на иновативни проекти

Фондот за иновации и технолошки развој утре ќе го објави првиот јавен повик за постапка за доделување на кофинансирани грантови за старт-ап и спин-оф компании и иновации, на којшто можат да аплицираат сите компании од сите дејности без ограничување по одделни индустрии.

Инструментот е наменет за финансирање на ново-основани претпријатија коишто постојат најмногу 6 години, микро и мали и средни компании регистрирани во Република Македонија, а е со цел поттикнување на иновативноста кај компаниите, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на компании кои имаат висок потенцијал за раст.

-Иновациите може да им помогнат на компаниите да преминат од активности со ниска новосоздадена вредност кон активности со висока новосоздадена вредност, па затоа подобрувањето на конкурентноста преку знаење и иновации е клучно, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Со првиот инструмент за кој ќе биде објавен повик утре, се предвидени кофинансирани грантови за 20-ина проекти на старт-ап и спин-оф компании. Со останатите инструменти ќе се доделуваат кофинансирани грантови за трансфер на технологии, за комерцијализација на иновации, како и техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори.

За таа намена, како што посочи тој, обезбедени се 600.000 евра за првиот јавен повик, за планираните четири инструменти за годинава на Фондот за иновации и технолошки развој се предвидени  2.280.000 евра, а генерално за функционирање на Фондот 10 милиони евра.

- Во текот на годината ќе се објават и јавните повици за ситни инструменти, вклучувајќи уште еден повик за доделување на конфинансирани грантови за старт-ап и спин-оф компании и иновации, рече Пешевски.

Инструментот кофинансирани грантови за старт-ап, спин–оф компании и иновации, како што нагласи директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска,  ќе обезбеди финансирање до максимум 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра.

-Се надеваме дека оваа поддршка ќе придонесе кон зголемување на капацитетот на македонските компании за иновирање што пак ќе го зголеми и нивниот капацитет за апсорпција на нови знаења и нови технологии од други компании. Со тоа може да се очекува и зголемен капацитет за соработка со компании од регионот и од странство и на тој начин уште поголем трансфер на знаење и технологии, што би требало на долг рок позитивно да влијае на конкурентноста на македонските компании и со тоа и на економскиот развој.  Очекуваме сето ова на долг рок да се преточи во креирање на повеќе работни места, отворање на нови компании базирани на знаење и нови технологии, компании кои имаат висок потенцијал за раст и извоз и севкупно да се придонесе кон градењето на поконкурентна економија, додаде Пешевски.

Фондот за иновации во наредниот период во поголемите општини ќе организира информативни настани на кои граѓаните ќе можат да се информираат за  начинот на добивање финансиска поддршка.

 

 

Оцени ја веста

17.02.2015 - 13:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега