Хан: СДСМ да се врати во Собранието

Опозицијата да се врати во Парламентот и таму да се решаваат сите политички прашања, порачал комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан на средбата со претседателот Ѓорги Иванов. Хан, според соопштението од кабинетот на преседателот, посочил дека во Македонија е дојден да помогне да се најде излез од актулената политичка состојба. 

- Мојот став и ставот на ЕУ е дека сите политички партии треба да ја имаат политичката дебата во Парламентот, а не надвор од Парламентот. Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во Парламентот, и таму да се решаваат сите политички прашања, рекол Хан.

Комесарот Хан изразил надеж дека Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

Претседателот Иванов истакнал дека Македонија како демократска држава мора да покаже зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството, и тие мора да се решаваат по институционален пат, низ отворен дијалог.

- Како претседател давам целосна поддршка за ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок, и во санкционирањето на сторителите на кривични дела, рекол македонскиот претседател на средбата со Хан.

Во однос на последните случувања во Република Македонија, претседателот Иванов порачал политичките субјекти да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.

Македонскиот претседател побарал поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан, и укажал дека предолгото чекање за следниот исчекор во евроатлантските интеграции, предизвикува фрустрации во нашето општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. 

Претседателот Иванов го реафирмира ставот на Република Македонија за градење и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка, како и подготвеноста за решавањето на сите отворени прашања, со цел придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Потенцирал дека позитивните примери во нашиот регион, на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните разлики, треба да се применат и во случајот со Република Македонија и нашиот јужен сосед.

Шефот на државата истакнал дека Македонија останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори и спроведувањето на реформите за членство во ЕУ, потенцирајќи дека е потребно Европскиот совет да ги согледа последиците од моменталната статус кво состојба и да најде начин за валоризација на позитивните препораки од ЕК.

Еврокомесарот, кој е во прва посета на Македонија по стапувањето на функцијата, претпладнево се сретна и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими.

Хан по средбата со Бесими не даде изјава за медиумите за содржината на разговорите. Кратко рече дека тука е за да разговара, но оти нема да дава изјава по првите средби, а  оценката ќе ја изнесе откако ќе се сретне со сите соговорници. 

Евокомесарот Хан треба да се сретне и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а се очекува да има средби и со премиерот Никола Груевски, како и со лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

 

 

Оцени ја веста

17.02.2015 - 11:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега