Именувани членови на собраниски тела, комисии и одбори

Собранието на Република Македонија во рамки на денешната 35. седница го усвои владиниот предлог, по скратена постапка да се донесат измените и дополнувањата на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и на Законот за јавните претпријатија, пренесува МИА.

Целта на законските измени, како што рече министерот за економија Беким Незири, е подобро и потранспарентно работење на претпријатијата во општествена сопственост.

- Со предложените измени се дава и можност за продажба на јавните претпријатија кои треба да се приватизираат, истакна Незири.

Пратениците ги донесоа и предлог одлуките за разрешување и именување претседател и членови на одборите за доделување на државните награди „23 Октомври“, „11 Октомври“, „Мајка Тереза“ и „Св.Климент Охридски“.

Претседател на Одборот за доделување на наградата „11 Октомври“ ќе биде академик Катица Ќулавкова наместо досегашниот Митко Манџуков, а за наградата „23 октомври“ академик Вера Битракова - Грозданова наместо академик Владо Матевски. За наградата „Мајка Тереза“ досегашниот член на Одборот Андон Чибишев се разрешува и на негово место доаѓа д-р Оливер Зафировски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, додека за наградата „Св.Климент Охридски“ на местото на досегашниот член на Одборот, поетот Никола Маџиров, доаѓа поетот и писател Јовица Тасевски Етернијан.

Пратеничката Солза Грчева го поздрави изборот на Ќулавкова за претседател на Одборот за наградата „11 октомври“. 

- Се работи за личност со завидно интелеткуално и научно портфолио, која покажа дека работи независно. Верувам дека нејзините високи критериуми и објективноста ќе ги пренесе во работата на Одборот, нагласи Грчева.

Собранието на седницата за член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации го именува Горан Велинов, д-р по информатички науки. 

Беше усвоена и Одлуката за избор на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка на што реагираше Грчева.

Според неа, исклучително несериозно е за инспектори во втор степен да се именуваат лица на возраст од 28 и 30 години.

- Тие немаат доволно искуство и пред да се назначат на вакви функции, треба да се докажат во својата област, рече Грчева.

На тоа реплицираше претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Зоран Илиоски, нагласувајќи дека не гледа причина зотшо некој ако има 28 години, е стручен и ги исполнува законските критериуми, да не може да одлучува.

- Треба да им дадеме шанса на младите да се докажат во своето работење. Во спротивно, како ќе стекнат искуство, додаде Илиоски.

Пратениците во рамки на седницата се изјаснија и за неколку предлог одлуки за избор на членови на повеќе собраниски тела.

 

 

Оцени ја веста

16.02.2015 - 14:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега