Драма кај Трескавец: Прилепчани им го спасија животот на 17 планинари

 

Драмата што деновиве се случи кај прилепскиот манастир Трескавец заврши добро. Седумнаесет планинари од Скопје и од Kуманово беа спасени од неколкумина прилепчани, вљубеници во џипови, откако комбето со кумановски таблички се лизнало на патот за манастирот Трескавец и застанало на работ од амбисот длабок неколку стотини метри, пренесува Дневник.

Прилепчаните Методија Најдоски, Ѓорѓи Гркоски, Гриша Петрески, Сашо Бојоски и Роберт Јанкулоски со своите џипови „тојота“ и „мицубиши“ успеаја да ги извадат планинарите и закопаното комбе во снегот и да им го спасат животот.

Возачот на комбето на фирмата „Делукс турист“ Бобан Kарнфиловски од Kуманово изрази благодарност на спасувачката акција на прилепските џипчии.

- Ако не беа луѓето со џиповите, ќе настрадавме. Kомбето на нагорнината се лизна и почна неконтролирано да се враќа назад кон амбисот. Хаос, вресоци и паника внатре. Сите бевме пребледени и во стрес, речиси половината висеше над амбисот. Преплашени и во шок, успеавме, со нозе кои треперат, некако да излеземе со патниците. Откако се созедовме, пробавме да го извадиме, но залудни беа нашите натчовечки сили. Не можевме со влечење со рацете, со тргање, со туркање. С` беше бадијала. Побаравме помош од полицијата, од војската, од АМД и од Центарот за кризи. Никој не дојде, а мрак н` фати во планината. Побаравме влечна служба. И камионот што требаше да го извади комбето, се лизгаше на снегот и мразот на стрмниот свиок. Се чудевме што да правиме додека денот се предаваше на с` постудената ноќ, раскажал Kаранфиловски за Дневник.

Некој се сетил да ги побара прилепските џипчии. Се јавиле кај прилепчанецот Роберт Јанкулоски, кој веднаш со џипот тргнал да им помогне на заробените во планината. Но, сам не успеал да го „откорне“ комбето забетонирано во снегот зашто немал електрична сајла. 

- Kомбето, небаре заковано, не мрдаше од местото. Неколкупати се обидов, ама не одеше. На помош дојде Методија Најдоски со помоќниот џип и со електричен чекрек, посочил Јанкулоски.

Најдоски вели секогаш е подготвен да им помогне на луѓето кога се во опасност. 

- За дваесетина минути бев кај загрозените. Нужно е да им се најдеш, да им помогнеш, особено зиме кога студи. Беа заробени во дивината, каде што нема автомобили и сообраќај, а ретко кој таксист би сакал ноќе да се пентари по кривините со снег. Додека темнината ја поплавуваше околината, неколку километри под манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, го закопав џипот и го врзав со електричната сајла да го трга комбето. Наместо комбето, џипот се откопуваше и се доближуваше. Го побарав Ѓорѓи Гркоски да дојде со уште една „тојота“, да го извадиме комбето со две сајли. И тој брзо стаса, па со двете сајли крцкаа двата теренца. Снегот не го пушташе комбето од прегратката. Побарав и трет, Гриша Петрески. Ги закачивме куките и комбето постепено тргна. Снегот како бетон се предаде пред моќта на чекреците од џиповите. Успеваме со три сајли да го откопаме од мразот, а луѓето безбедно да заминат дома по неколкучасовна битка во дивината, раскажал Најдоски.

Не е првпат прилепските џипчии да се впуштаат во спасувачки походи. Хуманоста, велат, им е нивна водилка. Секогаш се достапни и излегуваат во пресрет на луѓе со мака и во незгода. И ноќе и дење, во најмала рака, ќе се обидат да помогнат, да ги извадат луѓето заглавени во лоши временски услови, во полесни сообраќајни несреќи.

 

 

Оцени ја веста

16.02.2015 - 10:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега