Скопје домаќин на министерски состанок на Јадранската повелба
Денеска во Скопје, ќе се одржи состанок на Партнерската комисија на ниво на министри за надворешни работи. Состанокот се одржува во рамки на македонското претседавање со САД - Јадранската повелба,
Состанокот ќе ја одбележи 10-годишнината од потпишувањето на Повелбата, активностите на иницијативата во насока на зајакнување и промовирање на соработката, мирот и безбедноста, во функција на евроатланската интеграција на земјите од регионот и поддршката на САД.
На состанокот покрај министрите за надворешни работи и високите политички претставници на земјите членки на Јадранската повелба (Македонија, Хрватска, Албанија, Црна Гора и БиХ) ќе учествува и заменик помошникот на Државниот секретар на САД, Филип Рикер, а во својство на набљудувачи поканети се и министрите за надворешни работи на Косово и на Србија.
Согласно активностите предвидени со Акциониот план на македонското претседавање, на средбата ќе се дискутираат модалитетите за засилување на соработката меѓу А5 земјите во пресрет на следниот НАТО Самит, како и можностите за заедничка контрибуција во новата НАТО предводена мисија во Авганистан по 2014 година.