Здравствените установи мора да поднесат барање за обновување на дозволата
Сите здравствени установи, без разлика дали се приватни или јавни треба да поднесат барање за обновување на дозволата за работа до 29 јуни годинава. Тодоров информира дека ќе се примаат и барања без комплетна документација, која потоа дополнително ќе треба да биде доставена во текот на постапката за обновување на дозволата.
Иако до истекување на крајниот рок, кој е обврска од Законот за здравствена заштита, има околу две недели досега од вкупно 4.000 приватни и 114 јавни здравствени установи само 700 поднеле барање за обновување на дозволата. Од нив 95 проценти се барања од приватните здравствени установи.
- Во оваа прилика апелирам дека е потребно сите здравствени установи да поднесат барање. Обврската важи и за јавните и за приватните здравствени установи кои работат со дозвола за работа издадена согласно стариот закон за здравствена заштита без оглед дали работат со ФЗОМ односно се во мрежата или без договор со ФЗО односно се надвор од мрежата, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Барање за обновување на дозволата за работа не треба да доставуваат само здравствените установи кои се основани и добиле дозвола за работа согласно новиот Закон за здравствена заштита од 2012 година.
Целта на обновување на дозволите, додаде Тодоров, е да се усогласи работењето на здравствените установи кои добиле дозвола за работа во различни правни режими на нивно издавање од 1992 година до денес во согласност со новиот Закон за здравствена заштита.
- Доколку некоја установа не поднесе барање и не ја обнови дозволата за работа тогаш таа нема да може да склучи договор со Фондот, а доколку излезе од мрежата, односно работи без договор со него, Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе може да и изрече санкции, рече Тодоров.
Во текот на постапките за обновување на дозволите комисии кои ќе бидат формирани за таа намена ќе утврдуваат дали и на терен се исполнети условите кои се наведени бо прилог на барањето за обновување на дозволата. Ќе се утврдува дали условите во однос на просторот и опремата останале непроменети во однос на дадената дозвола или доколку се променети дали и натаму установата ги исполнува потребните услови за вршење на дејноста. Доколку има промени кои отстапуваат од пропишаните услови ќе се определат рокови соодветни на потребата за отстранување на недостатоците.
- Доколку на некоја здравствена установа и недостига некој документ кој е потребен за обновување на дозволата, таа сепак треба да достави барање, а дополнително ќе ги приложи во текот на постапката, зависно од видот на здравствената установа, рече Тодоров.
Тој додаде дека за да се избегнат гужви, потребното барање и документацијата може да се пратат преку пошта со препорачана пратка до архивата на Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство ќе испратат известување до сите здравствени установи во кое ќе бидат информирани за сета потребна документација потребна за поднесување барање за обновување на дозволата.
За обновување на дозволата за работа здравствените установи треба да платат 6.000 доколку станува збор за болници или 3.000 денари ако станува збор за приватни здравствени установи. Средствата ќе бидат наменети за покривање на трошоците за работата на комисиите.