Бугарија со ултиматтум: Или договор за добрососедство или ќе ја блокираме Македонија

 

На последните состаноци на дипломатите од Постојаните мисии на земјите-членки на ЕУ во Брисел (т.н. КОВЕБ-група), како и на состаноците на КОРЕПЕР-групата (амбасадори на земјите-членки при Унијата), претставниците на Бугарија ставиле јасно до знаење дека доколку до последниот состанок на Советот за општи работи, кој се одржува два дена пред Самитот на ЕС закажан за 27 јуни, не биде потпишан договорот за добрососедство, тогаш Софија ќе ја поддржи Грција во блокада на Македонија објавува МИА.

Иако никој од амбасадите на споменатите земји не сака да коментира, сепак според информациите од досегашните расправи на КОВЕБ и КОРЕПЕР, бугарскиот амбасадор Димитар Цанчев и дипломатите од оваа земја ставиле јасно до знаење дека тие ќе се согласат да и се даде „зелено светло“ на Македонија да ги започне пристапните преговори само ако до Самитот се потпише договорот. Една од работите, пак, на која е запнато во преговорите на техничко ниво меѓу претставници на македонското и бугарското министерство за надворешни работи е барањето Бугарите, како наводно малцинство кај нас, да влезат во преамбулата на Уставот. Во овој дел, Бугарија има силна поддршка и од Хрватска, која од 1 јули оваа година станува полниправна членка на ЕУ, со оглед на тоа што и Хрватите не се застапени како малцинство, а на тоа инсистира и оваа поранешна југословенска држава.

Она што досега е непознато е ставот на Грција чии дипломати мудро молчат на состаноците на работните групи во Советот на Унијата. До вторник, 25 јуни и состанокот на Советот за општи работи (ГАК) во Луксембург, каде се очекува да се донесат заклучоците во однос на земјите-кандидати (Македонија и Србија) и дали истите ќе добијат датум за преговори со ЕУ. Наводно, формирањето на Комисијата за истрага на собраниските настани на 24 декември минатата година нема да го спречи нашиот јужен сосед да го употреби правилото на консензус меѓу земјите-членки и да не дозволи нашата земја и по четири препораки на Комисијата, да го добие заслужениот датум за преговори.

МИА

најчитано сега