Регионална вежба за земјотрес во Скопје

 

Симулациска вежба за случен земјотрес во Скопје најави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу на  првата иницијална планирачка конференција IPA CAMPEX 2015, по повод претстојната теренска вежбовна активност што ќе се одржи од 15 до 19 јуни годинава во Коњски дол, Визбегово. 

- Оваа година Македонија е домаќин на најголемата вежба што воопшто е оддржана во нашата држава во поглед на цивилната заштита. Ова е еден голем проект на Европската унија  која се организира преку ИПА Програмата, што и го носи името ИПА Камп 2015 година, истакна Салиу.

Појасни дека на вежбата ќе учествуваат девет држави, а ќе има гости од 40 држави од ЕУ, како и високи претставници од Европската комисија. Додаде дека се очекува да присуствуваат вкупно 500 гости и учесници.

За вежбата во Визбегово, Салиу рече дека ќе биде изградена камп населба во која ќе бидат вклучени болница, училиште, кујна и други помошни објекти потребни за случен земјотрес. 

Вежбата, има за цел промовирање на соработката, координацијата и интероперативноста на државите учеснички во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, а се организира во рамки на втората фаза од IPА проектот на ЕУ за зајакнување на соработката меѓу земјите кандидати за членство и потенцијални кандидати во делот на цивилната заштита.

Конференцијата IPA CAMPEX 2015 е организирана во соработка со ЕУ-Генералниот директорат за хуманитарна помош и цивилна заштита и конзорциумот формиран за оваа намена составен од службите за заштита и спасување  на Словенија, Хрватска, Германија, Италија, Шведска и приватната компанија Синџерис од Австрија.

На новинарско прашање за поплавите во Македонија Салиу рече дека водата на целата територија се повлекува во речните корита и се работи на утврдување на штетите.

- Она што можам да го кажам е дека се работи за 17 илјади хектари на зафатена земјоделска површина, а граѓаните јавно беа информирани дека треба да ги пријават штетите од поплавените куѓи и земјоделските површини, истакна Салиу.

Во однос на прекинатиот пат кај Новаци, рече дека тој е саниран и дека е поставена цевка за истек на водата.

Салиу потенцира дека состојбата на поплавените подрачја е во ред и дека водата се повлекува во речните корита. 

 

 

Оцени ја веста

11.02.2015 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега