Мал број полицајци останаа на плоштадот во Истанбул
Утринава на истанбулскиот плоштад Таксим останаа само мал број полицајци, а жителите на градот веќе можат да минуваат преку него и преку паркот Гези, пренесоа руските медиуми.
Општинските служби го исчистија реонот на плоштадот и посадија нови цвеќиња околу споменикот во центарот на Таксим. На улиците покрај плоштадот, меѓутоа, уште може да се забележат траги од судирите.
Инаку, над 600 лица вчера биле приведени во Истанбул и Анкара за време на антивладините демонстрации.
Турската приватна телевизија НТВ соопшти дека утринава турските сили за брзо реагирање ги урнале шаторите на демонстрантите во градот Ескишехир, во северозападна Турција. Околу 250 шатори биле кренати и натоварени на камиони. Полицајците употребиле водени топови и солзавец врз демонстрантите. Има многу приведени.