ВИДЕО: Решена мистеријата на „заспаното село“
Ширум светот се прошири веста за малото село Калачи во Казахстан, каде жителите ги зафати мистериозна болест поради која спијат со денови, па странските медиуми местото го нарекоа „заспана долина“.
Лекарите не успеаја да ги утврдат причините за болеста што ги погоди 14 отсто од жителите на Калачи, кои освен на повеќедневниот сон, се жалеа и на вртоглавица, замор, проблеми со помнењето, а некои и на халуцинации.
Локалното население, пак, уште тогаш обвини дека причина за болеста се напуштените рудници за уран од советскиот период, што сега се покажа и како точно, иако рударите кои со години работеле во рудниците немале слични проблеми.
Како што објави „Дејли Мејл“, сега е утврдено дека причина за болеста се рудниците на уран или поточно гасот радон кој се пробил до површината на земјата и полека го труел населението во Калачи. Радонот е безбоен гас, без мирис и вкус, кој природно се ослободува од уранот, а се верува дека вдишувањето може да предизвика рак на белите дробови.
Локалните власти сега ги разгледуваат опциите за преселување на целото село, затоа што тврдат дека е невозможно да се отстрани гасот од подрачјето на кое се појави.
Иако радијацијата во самите рудници не е доволно висока за да биде опасна, сепак гасот сериозно го загрозува здравјето на селаните кои живеат близу нив.
Во септември 2014 година „Русија Днес“ сними документарен филм и притоа јави дека радијацијата е 16 пати повисока од онаа која би се очекувала на влез во напуштен рудник.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа