Димовски: Измените во Законот за хонорарите е добар чекор кој ќе биде во полза на граѓаните
Прагот за вработените лица и пензионери коишто остваруваат приход по основ на работа или по однос на пензија се качува на ниво на просечната плата исплатена во 2014 година. Придонесите ќе се плаќаат само на делот којшто е над просечната плата.
Ова се предложените измени во предлогот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кој ќе биде доставен до Собранието на РМ од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
- Значи доколку некое лице добива хонорар од 23.000 денари нема да плаќа придонеси на целата сума од 23.000, заради тоа што сметаме дека тој веќе социјално и пензиски е осигуран, туку ќе плаќа само на разликата помеѓу просечната плата и висината на неговиот хонорар, односно ќе плаќа придонеси на основица од 2.000 денари, што е некоја прилично симболична сума, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ во Собранието на РМ, Илија Димовски.
За оние лица, пак кои што не се во работен однос, а добиваат хонорари, во Законот се предлага пресметката на придонесите на хонорарот да остане на ниво на минималнта плата, со цел да се заштитат луѓето кои се ангажирани во фирми, но не се вработени, туку целокупниот приход го остваруваат преку хонорар.
Така, на тие лица, како што нагласи Димовски, ќе им биде обезбедена пензија и сугурност за здравствено осигурување.
- Прагот е на ниво на минималната плата којашто во овој момент изнесува 9.590 денари, а како што ќе се качува минималната плата, така ќе се качува и прагот. И во овој случај придонесите ќе се плаќаат на разликата помеѓу минималната плата и висината на хонорарот. Доколку некој добива пример 14.000 денари хонорар ќе плаќа прдонеси пресметани на основица од околу 4.200 денари, но ќе добие здравствено и пензиско осигурување како што заслужува секој граѓанин, појасни Димовски.
Овие измени, нагласи тој, треба да важат од месец јануари, а доколку има одредени уплаќања во меѓупериодот, предложено е тоа да се балансира со порамнување кое што ќе мора да го регулираат државните органи, фондовите и УЈП.
Доколку, пак, некое лице добива хонорар од капитално, сродствено или фамилијарно поврзана фирма, тогаш важи пресметката на минималната плата.
- Ако сте вработени во една фирма и од истата добивате хонорар тогаш пресметката ќе оди на основица од минимална плата, но и во тој случај ќе важи правилото од прагот нагоре разликата на нејзе, рече Димовски.
Тој истакна дека на овој начин ќе се направи еден добар чекор кој ќе биде во полза на граѓаните на Р.Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа