70 години од стрелањето на 12 ваташки младинци

 

Пред споменикот во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа денеска беа одбележани 70 години од стрелањето на 12 ваташки младинци. Младинците беа стрелани од бугарските окупаторски војници.

Повеќе делегации положија цвеќе, меѓу кои роднини на стреланите, градоначалникот на Кавадарци Александар Панов, претставници на општина Кавадарци и урбаната заедница Ваташа, претставници на борците и политичките партии, првиот претседател на парламентот Стојан Андов, претставници на навивачката група „Лозари“ и Здружението на моторџии „Ноќни волци“.

Пред присутните во Моклиште се обрати генералот во пензија Тодор Атанасовски, претседател на боречката организација во Македонија.

- По стрелањето на 12 ваташки младинци, следуваа убиствата на Димката Ангелов Габерот, Ило Виларов, Блаже Тодоровски Чичето, како и други македонски борци од овој крај. Тогашното бугарско воено судство изрече 1.540 смртни казни, 1.133 доживотни пресуди и 7.324 времени казни затвор. Настанот во Моклиште ја зави Македонија во црно, рече Атанасовски.

Ваквите настани, како што рече, не само што не обврзуваат на почит, туку не опоменуваат и поучуваат, сугерираат на одговорност и разумност.

Градоначалникот Панов рече дека денешните генерации се горди на претходните кои, како што рече, со својата крв ја натопија земјата обезбедувајќи иднина за Македонија.

Пред споменикот беше изведена и богата културно-уметничка програма во чест на 12 младинци. 

најчитано сега