Владата со оглас за државен секретар во Транспорт и врски

Македонската Влада денеска распиша јавен повик за пријавување интерес за ангажман на позицијата државен секретар во Министерството за транспорт и врски.

Заинтересираните кандидати може да се пријават на огласот до 7 овој месец со пополнување електронска апликација достапна на веб страницата на Владата www.vlada.mk/konkursi/apliciraj, како и со поднесување лична биографија не поголема од пет страници и мотивациско писмо од најмногу 500 зборови.

Кандидатите треба да имаат високо образование и 5 години работно искуство, како и познавање странски јазик на ниво еквивалент на Б1 (B1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 3,5 - 4,5 поени, ПЕТ, БЕК П, БУЛАТС, или Аптис, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 450 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 135 бода, или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 45 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат. Обезбедувањето сертификат за познавање странски јазик не е задолжително во процесот на селекција.

- Сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани за оваа одговорна позиција. Единствениот параметар кој ќе биде вреднуван се знаењата и вештините на кандидатите. Целта не е масовноста, туку избор на кандидат кој поседува способности и квалитети со кои ќе придонесе во реализацијата на една обемна  програма и голем број проекти кои се во рамки на Министерството, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Досегашниот државен секретар во Министерството за транспорт и врски Владо Мисајловски е именуван за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта, кој доаѓа на местото на досегашниот директор на претпријатието Љупчо Георгиевски на кого му истече мандатот.

- Благодариме за ангажманот на досегашниот директор Георгиевски кој одлично си ја вршеше својата работа и реализира огромен број мерки и активности од кои корист имаат сите граѓани. Очекуваме од новиот директор Мисајловски да продолжи со ефикасна и ефективна работа која ќе придонесе за динамична реализација на проектите, вели портпаролот на Владата.

Владата во изминатиот период реализираше поголем број јавни повици за ангажман на раководни позиции. Дел од лицата кои беа избрани и именувани преку овој начин на селекција се и државните секретари во Министерството за финансии Игор Димитров, во Секретаријатот за европски прашања Ана Блажевска, во Министерството за економија Анета Димовска, во Министерството за локална самоуправа  Билјана Цветановска-Гуговска, директорите на СЦ „Борис Трајковски“ Златко Перински, на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, на  Геолошкиот завод Костадин Јованов, на Управата за матични книги Силус Муслиоск, и поголем број други државни функционери, амбасадори, генерални конзули, економски промотори и други носители на позиции во државната управа.

 

 

Оцени ја веста

02.02.2015 - 20:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега