„Ова е најдолниот чин на политичко однесување" - Македонците од дијаспората со осуда за осомничените за „Пуч“

Осуди за постапките на лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев и неколку други лица осомничени во акцијата „Пуч“ и денеска пристигнаа од повеќе организации на Македонците од дијаспората. 

Македонската добротворна организација од Мелбурн, Австралија, преку соопштение изразува незадоволство за тоа што, како што велат, некои политичари во Република Македонија се со цел да дојдат на власт си поигруваат со довербата на граѓните која се заслужува на избори, а не преку соработка со странски тајни служби како и уцени и закани до највисоките државни органи.

- Овој е најдолниот чин на политичко однесување од страна на кој било политичар во Македонија досега и е срам за демократијата. Секаде во светот се добива власт само со презентирање на креативна и просперитетна програма за сите граѓани, а не со вакво велепредавство кое се гледа и се цени како најнизок степен на комуникација која не би се очекувала од еден политички лидер, се вели во соопштението.

Во Австралија, се наведува понатаму, Македонците останаа запрестатени од овој срамен чин кој досега се нема случено од постоењето на македонската држава.

- Засрамени сме од сето ова и безрезервно ја даваме поддршката на Владата на Република на Македонија да продолжи со она за што е избрана, економските реформи, отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард за сите граѓани на Република Македонија. Ваквиот велепредавнички начин на однесување ќе има сериозни последици по угледот на нашата држава во меѓународната заедница како и насекаде во светот. Искрено се надеваме дека т.н. политичар ќе донесе мудра одлука, дека разумот ќе ја надвладее гордоста и преовлада љубовта кон својата земја и народ и го прекине овој процес на великопредавство на земјата, која ни е оставена од нашите предци да ја градиме за нашите идни генерации, стои во писмото од Македонската добротворна организација од Мелбурн.

Македонско - германско културно друштво ‘’Македонија” од Берлин во својата реакција вели дека како дел од македонскиот народ кој живее во Европа, не може да прифатат вакво однесување и дејствување од страна на Заев и СДСМ, бидејќи се коси со европските норми во политиката.

- Чувствуваме потреба и одговорност како дијаспора и мораме да ви укажеме, загрозувајќи го уставниот поредок, не победувате во политичка битка, туку правите нешто досега невидено и непознато и за Македонија и за современа Европа. Да остварувате соработки со странски разузнавачки служби, да го поткопувате уставниот поредок и да одите спротивно на вољата на граѓаните,  немате оправдување. Далеку е тоа од европските вредности, велат од Друштвото од Берлин.

Во нивната реакција тие посочуваат дека се сведоци како во последните месеци, од страна на партиите кои го бојкотираат Собранието на Република Македонија, на чело со СДСМ, велат, се најавуваат разни „бомби“ кои што треба да експлодираат, а наспроти  нив, додаваат, одговорот на ВМРО-ДПМНЕ на „бомбите“ со реформи, со изградби на објекти, спортски сали, патишта.

- Не можејќи да се пробиете на политичката сцена во Македонија, немајќи визија, немајќи програма, посегнавте во поткопување на постоењето на Македонија. Нема веќе дилеми, нема нејаснотии. Сега сите знаеме кои сте. Посегнавте во соработка со странски платеници, во таа пуста желба за власт. Сакате главите да ги наведнеме ...Сакате да ги погазите Илинденците, Асномците...Нема да успеете. Тие се македонска гордост. Ние како дијаспора ви порачуваме, немојте, не си играјте со Македонија. Македонскиот народ никогаш нема да ви дозволи тргување со Македонија, се вели во писмото од Македонско - германско културно друштво ‘’Македонија” кое воедно му порачува на СДСМ да  се врати во Собранието и да престанат да му штетат на угледот на Македонија. 

Македонското волонтерско здружение „Камени мост“ од Италија во нивното писмо го осудуваат лидерот на опозицијата и неговите соработници за, како што велат, недемократкиот и подмолен чин за доаѓање на власт по цена на угледот и достоинството на Македонија, а во соработка со надворешни структури за дестабилизација на државата.

- Ниту еден политичар во Македонија не смее да посегне по меѓународниот углед на државата. Ова е најдолниот чин на политичко однесување на кој било политичар во Македонија досега и поради што потребно е целосно игнорирање на неговата личност како политичар, па дури и како човек. Лидерот на опозицијата ги стави личните амбиции пред интересите на државата. Во секое демократско општетство, а Македонија ја сметаме за таква, одлучува мнозинството, а не само еден човек... Затоа апелираме до сите разумни политичари во Македонија да им стават крај на вакви самобендисани и егоистични испади на поединци. Сите лични мотиви и недоразбирања помеѓу политичарите да се решаваат по легален пат во македонските институции, а не јавно и по цена на угледот на Македонија, се вели меѓу другото во писмото од ова македонско здружение во Италија.

Реакции со осуда за осомничените за „Пуч“ и оцени дека тоа е удар кон уставниот поредок и меѓународниот углед на државата вчера пристигнаа и од редакцијата на Македонско-американскиот неделник, Здружението на граѓани „Македонски корени“ од Њу Џерси, од здружението „Обединети Македонци“ во Канада, од македонската заедница во Данска, од Македонското друштво „Илинден”, Здружението на Македонците во Австралија и во Викторија, Советот на децата бегалци од Егејска Македонија за Мелбурн и Викторија и од Здружението „Балкан“ со седиште во Местре, Венеција, Италија.

МИА

 

 

Оцени ја веста

02.02.2015 - 12:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега