„Танец“ ќе го отвори „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“

 

Во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 6 до 11 јули во Охрид ќе се одржи 52. издание на „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“.

Фестивалот, како што информира денеска на прес-конференција директорката на ЦК Григор Прличев“ Драгана Боцеска, ќе го отвори Ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“, а финансиски е поддржан од Министерството за култура.

- На отворањето „Танец“ ќе настапи со програма која досега ја нема прикажувано во Македонија. Со програмата со која гостуваше во Шведска и Австрија и премиерно ќе биде изведена за отворањето на 52. Балкански фестивал, истакна Боцеска.

Покрај балканските земји, интенцијата на фестивалот, според Боцеска, е секоја година да има учесници и од земји кои подолго време не учествувале.

- Ќе имаме шест богати фестивалски вечери со интересен фолклор, ќе видиме нешто на што сме навикнати како публика со гости од Балканот, но ќе бидат интересни и гостите од Италија, Унгарија и Шпанија кои подолго време беа присутни, најави Боцеска.

На втората фестивалска вечер ќе настапат ансамблите „Осиек 1862“ од Хрватска и „Абант Изет Бејсал“ од Турција, како и КУД „Илинден“ од Велгошти., Следниот ден пред публиката ќе се претстават ансамблите „Светозар Марковиќ“ од Србија и „Отекс“ од Охрид, на 9 јули ќе настапат ансамблите „Бисери“ од Охрид, „Златица“ од Бугарија и „Марболени“ од Шпанија, на 10 настап ќе имаат ансамблите „Пролетер од БиХ и „Трислече“ од Италија, а на последната фестивалска вечер ансамблите „Зора“ од Унгарија, „Курпианка“ од Полска и „Никола Јанков Вапцаров“ од Скопје.

Манифестацијата ќе се одржи на сцената Долни Сарај, а влезот за гледачите ќе биде слободен. 

ФОТО: Канал5

најчитано сега