Се одложува либерализацијата на пазарот на електрична енергија
Либерализацијата на пазарот со електрична енергија за 147. компании се одложува, а рокот до кога ќе биде одложена дополнително ќе биде утврден.
Причина за тоа, како што истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров на денешната прес-конференција, е постоењето правни и технички недостатоци за исполнување на предусловите на пазарот. Како технички недостаток го наведе потребно време за инсталирање на мерните уреди за мерење на оптоварувањата на електричната енергија кај малите потрошувачи.
- Кај малите потрошувачи не постојат мерни уреди кои ги мерат дневните оптоварувања, додека кај 147. компании и оние девет кои се на слободниот пазар постојат вакви мерења, односно постои соодветен софтвер во пазарниот и во системскиот оператор. Потребно е и потпишување на протокол за трансфер на мерните податоци кои се неопходни за функционирање на пазарот помеѓу МЕПСО и ЕВН Дистрибуција. Од меѓусебните технички проблеми останува и мерењето на балансната енергија помеѓу МЕПСО и ЕЛЕМ. Потребно е и да се изготви правилник за снабдување со електрична енергија, рече Петров.
ФОТО: Плусинфо