Коце Трајановски го посети Бутел
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска беше во посета на Бутел како дел од циклусот посети на сите десет скопски општини. Градоначалникот се сретна со неговиот колега од Бутел Петре Латиновски и директорите на јавните претпријатија на Град Скопје, надлежните на пунктовите во општина Бутел и раководителите на секторите на администрацијата на Град Скопје и општина Бутел и претставниците на урбаните и месни заедници.
- Целта на овие средби е преку директна комуникација со урбаните и со месните заедници да добиеме слика за состојбите на терен и проблемите со кои се соочуваат граѓаните во нивното секојдневие. Овие средби се одлична можност граѓаните да дадат оцена за работата на јавните претпријатија и администрацијата на Град Скопје и да дадат предлози за подобрување на нашата работа, изјави Трајановски.
Латиновски ја поздрави ваквата средба и упати апел граѓаните да се вклучат во акцијата преку доставување на нивниот кабаст отпад до специјално поставените контејнери за таа намена, кои наредниве три дена ќе бидат поставени на 15 различни локации.
Трајановски даде краток осврт на реализираните проекти на територијата на оваа општина во изминативе четири години. Тој ги посочи реконструкцијата на улица „Радишанска", изградбата на кружни крстосници на улица „Боца Иванова", како и меѓу улиците „Втора македонска бригада" и „Лазо Трповски", реконструкцијата на улицата „Ферид Бајрам", реконструкцијата на улица во економската зона Визбегово, изградбата на резервоар за вода со доводен цевковод за населените места Кучевишка Бара и Бел Камен, изградбата на атмосферската канализација на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош", изградбата на третата фаза од фекалната канализациска мрежа во село Љубанци...
Овие средби се придружувани со работни акции од екипи на јавните комунални претпријатија на Град Скопје, кои ќе спроведат акции за чистење на диви депонии, кастрење на гранките на дрвјата, миење на улиците, косење на тревата...
Претставниците од урбаните и од месните заедници од општина Бутел поставуваа повеќе прашања, пред се за собирање на сметот од руралниот дел од општината.