Болница од светски калибар за пациенти од цел Балкан никнува во Петровец

Болница од светски калибар, опремена со најсовремена апаратура ќе добијат жителите на општина Петровец. Првичната намена на зградата била изградба на трговски центар, но инвеститорите од Италија решиле да ја пренаменат во болница, во која ќе инвестираат повеќе од 50 милиони евра. Болницата ќе биде на шест ката, во моментов на нејзина изградба работат околу 80 работници, а се очекува првите два ката да почнат со работа до август, пишува Вечер.

Градоначалникот Борче Митевски е особено горд на изградбата на болница со најсовремена апаратура и очекува покрај домашни да има пациенти и од соседните држави.

- Можеме да се гордееме, општина Петровец ќе добие болница со најсовремена апаратура, како за нашите граѓани, така и за граѓани од соседните земји. Очекуваме да имаме пациенти од Косово, Србија, Бугарија. Болницата ќе биде на шест ката, во моментов на нејзината изградба работат околу 80 луѓе, ставаат прозорци, се воведува вода, парно, вели Митевски за Вечер.

Во болницата се планира во првите две години да работат и доктори од Италија кои ќе ги обучуваат нашите доктори, а ќе биде донесен и најдобриот апарат за магнетна резонанца.

- Тука дојдоа доктори од Италија за да видат како тече изградбата. Во болницата првите две години се планира да работат и доктори од Италија кои ќе ги обучуваат наште доктори. Во болницата ќе биде донесен најдобриот апарат за магнетна резонанца од 3 тесли кој е последен "збор" на техниката, додека пак, во Македонија засега ја има 1,5 тесли, потенцираше градоначалникот.

Тој понатаму додава дека инвеститорите најавиле дека до август годинава два ката ќе почнат со работа. Во состав на болницата ќе има и мотел со 50 соби со оглед на тоа дека се очекува да има пациенти и од соседните земји, ќе има пицерија, банка, менувачница и бутици.

Покрај болницата, во општина Петровец ќе се гради и градинка и целосно ќе се реконструира старечкиот дом во Катланово.

 

 

Оцени ја веста

27.01.2015 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега