Иванов на одбележувањето 70 години од ослободувањето на Аушвиц

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, ќе присуствува на комеморацијата по повод 70-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау. 

На комеморација пред „портата на смртта“ во Биркенау ќе се обратат полскиот претседател Бронислав Коморовски, претставници на преживеаните и ќе се претстави кампањата „18 столбови на сеќавањето”.

Присуството на македонскиот претседател на овој настан е во рамки на сеќавањето на жртвите на Холокаустот, меѓу кои се и најголем дел од Евреите од Македонија. Евреите се длабоко вкоренети во македонската земја, историја, традиција и култура уште од најраните времиња. Со сите свои верски, јазични и културни специфики, Евреите со векови придонесувале кон македонскиот модел на соживот. Соживотот и заемното помагање биле насилно прекинати за време на Втората светска војна кога територијата на денешна Република Македонија стана плен на Третиот рајх и неговите фашистички сојузници.

 

На 11 март 1943 година, фашистичкиот окупатор ги собрал речиси сите Евреи од окупирана Македонија, од градовите Битола, Скопје и Штип и ги депортирал во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка. 7144-те депортирани Евреи кои завршија во логорот на смртта - Треблинка, претставувале 98 проценти од севкупната еврејска популација на окупирана Македонија, од кои дури 50 проценти биле деца. Во 1944 година преживеаните ја возобновуваат Еврејската заедница во Република Македонија.

Во спомен на овој значаен настан, на 19 декември 2014 година, на 70-годишнината од нејзиното возобновување, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и додели „Повелба на Република Македонија“ на Еврејската заедница во Македонија.

 

На комеморацијата по повод 70. годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, најавено е присуство на голем број шефови на држави и влади, меѓу кои и претседателите на Франција и на Германија, Франсоа Оланд и Јоахим Гаук. Како што објави „Дојче веле“, во Аушвиц ќе биде присутен и украинскиот претседсател Петро Порошенко, но не и рускиот претседател Владимир Путин. Русија ќе биде претставена од шефот на претседателската администрација Сергеј Иванов.

На овој ден Црвената армија 1945 година го ослободила Аушвиц-Биркенау, симбол на масовното страдање на луѓето, најмногу на Евреите, во Втората светска војна.

„Конечното решавање на еврејското прашање“ како што говореле нацистите почнало со инвазијата на Германија на Полска во 1938 година.

Еден од најмоќните луѓе на Третиот рајх и командантот на озогласените СС трупи Хајнрих Химлер е творецот на холокаустот, кој осмислил план за отворање концентрациони логори во Полска во кои луѓето ќе се убиваат во гасни комори со пуштање на отровниот гас „циклон Б“.

 

Аушвиц првобитно бил замислен како затвор за полските политички затвореници, а изграден е во близина на Краков, во градот Освјенчим, а неговата изградба ја наредил Химлер на 27 април 1940 година. Во близина на главниот логор, подоцна биле изградени уште околу 40 други. Три километри подалеку во селото Бжежинка во логорите Белзецу, Собибор и Треблинка, според податоците од вашингтонскиот Меморијален центар посветен на холокаустот, во „Операцијата Рајнхард“ се убиени 1,7 милион Евреи. Сепак, бројот на жртвите во концентрациониот логор Аушвиц и останатите, никогаш не е точно утврден.

Проценките се дека во периодот од 1940 до 1945 година животот го изгубниле 1,1 милиони луѓе, главно Евреи, во гасни комори или од глад и болести во Аушвиц или во соседниот логор Биркенау.

Руската Црвена армија го ослободи Аушвиц 27 јануари 1945 година, а во 1947 година врз основа на одлуката на полскиот парламент го стекна статусот државен музеј и е единственото такво место кое се наоѓа на списокот на УНЕСКО.

 

 

Оцени ја веста

27.01.2015 - 09:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега