МВР ја стресе битолската Пошта - овој пат директорот е под лупа на полицијата

Директорот на битолската подружница на Македонски пошти синоќа е повикан на распит, а потоа и задржан е од страна на полицијата заради истрага дали во неговото работење имало злоупотреба на службената положба, потврдила за Канал 5, портпаролот на СВР Битола, Магдалена Димировска.

Димировска за Канал 5 информирала дека распитот е сеуште во тек, додавајќи дека истрагата не е поврзана со грабежот на сефот во март оваа година.

Ова не е прв пат полицијата да ја разгледува работата на битолската подружница на Македонски пошти. Меѓу 9. и 11. март годинава, разбојници влегоа во поштата и успеаа до задната врата да изнесат сеф со 2 милиони денари. На 13. март, главниот благајник, и еден од контролорите на Македонски пошти во битолската подружница си завршија во притвор, поради сомнение дека во текот на минатата година ја злоупотребиле службената положба и овластување, односно, проневериле околу 1. 735. 000 денари.