Ципрас положи заклетва како нов грчки премиер

Лидерот на Сириза Алексис Ципрас денеска положи заклетва како нов премиер на Грција, неколку часа откако беше објавено дека ќе биде формирана коалициска влада со десничарската партија Независни Грци.

Ципрас се заколна дека ќе го почитува Уставот и законите на земјата и оти ќе им служи на интересите на грчкиот народ, јави дописникот на МИА од Атина.

Церемонијата се одржа во претседателската палата во Атина во присуство на шефот на државата Каролос Папуљас, кој раководеше со положувањето на заклетвата.

Ципрас е атеист, па денешната церемонија беше отстапка од традицијата според која премиерот обично се колне пред поглаварот на Грчката православна црква.

По положувањето на заклетвата претседателот и премиерот потпишаа документ за процедурата и уште еден документ со кој Ципрас доби мандат за формирање влада.

Потоа Ципрас замина за атинскиот кварт Кесариани, каде пропратен со аплауз на граѓани положи цвеќе пред споменикот на 200 грчки комунисти, кои биле стрелани од страна на германските фашисти во 1944 година Споменикот е симбол на националниот отпор на Грција пред нацистите во годините на Втората светска војна.

Ципрас попладнево ќе замине и во официјалната резиденција на премиерот, каде што ќе се одржи формална церемонија за предавање на функцијата од досегашниот премиер и лидер на второпласираната Нова демократија Андонис Самарас

 

 

Оцени ја веста

26.01.2015 - 17:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега