Го врзале со синџири за да не се дрогира - еве ги потресните приказни на нарко-зависниците од Битола
Родители со синџир го врзале својот син за веце-шолја за да не може да излезе и да земе дрога, друг родител ја претепал ќерка си и им признал на лекарите: „на мала душа ја оставив“, но продолжила да се дрогира. Двајца браќа потрошиле 30.000 евра на дрога, пари што ги добиле од продажба на станот на родителите. Друг наркозависник го продал мебелот од домот на татко си, а на крај му ја побарал и бурмата за да ја продаде за дрога.
Ова се примерите кои на трибина за наркоманија ги посочил психијатарот Стево Бојаџиев, кој со наркозависници работел 38 години, пренесува Дневник. Трибината за наркоманија била организирана од Македонско-турското друштво од Битола.
Во моментов во Битола се евидентирани 300 наркозависници, но, според проценките, секој од нив се обидува да навлече уште седум други лица, па, неофицијалните процени се дека во градот има над 2.000 уживатели на дрога, пренесува весникот.
- Во темна просторија носат очила. Постојано им студи. Носат долги ракави зашто рацете им се со тромбофлебити. Зениците им се како главичка од топуска. Пијат претежно портоколада, јадат благи работи, супа, а месо не. Родителите мора да бидат вистински пријатели со децата, да разговараат, со време да се запре работата. Да не настапуваат гестаповски и инспекторски, истакнал Бојаџиев, пренесува Дневник.
Дел од наркозависниците во Битола заминуваат на лечење во манастири во Струмичката епархија или во Бигорскиот манастир. Таму, тие се трудат без хемиски супстанци и само преку духовни методи да се откажат од дрогата, пренесува весникот. Сепак, доколку зависниците успешно го поминат лекувањето, нема гаранција дека нема повторно да паднат во искушение.
- Kога лицето по лекување ќе се врати во старата средина, му се нафрлаат дилери и пријатели, старото друштво. По враќање од лекувањето момче од Битола шест месеци седело дома, но првото излегување било фатално, истакнала психологот Фани Димитровска-Асим, пренесува Дневник.
Во Битола постојат невладини организации кои се обидуваат барем да ги намалат штетите од користењето на дрогата, па се делат и стерилни шприцови и игли.
Хероинот е најупотребувана дроога во земјава.