Вељаноски-Мета: Македонија и Албанија се пријателски земји и природни партнери за соработка

Македонија и Албанија се две соседни пријателски земји, со добри односи кои имаат тренд на нагорна линија. Потребно е продлабочување на соработката за која се природни парнери особено во делот на регионалните проекти, оценија денеска претседателите на македонскиот и албанскиот Парламент Трајко Вељаноски и Илир Мета, по нивната денешна средба во Скопје.

- Разговорите беа отворени со заемно почитување како што доликува на добри соседи, на два народи со богата историја и заедничка евроатланска перспектива. Наша заедничка оценка е дека билатералните односи помеѓу двете држави се добри и одат во нагорна линија, истакна Вељаноски.

Додаде дека е потребно натамошно развивање на и онака континуираната парламентарна соработка која, како што рече, дава голем придонес во целокупните билатерални односи. 

- Добивањето кандидатски статус на Албанија за членство во Европската унија отвора многу можности за заеднички настап и користење на средствата од ИПА фондовите, кога станува збор за големи инераструктурни проекти кои се значајни за двете држави, регионот и пошироко, истакна претседателот на македонското Собрание.

На потребата за зголемување на соработката меѓу двете земји посочи и неговиот албански колега Мета.

- Решителни сме да ја зголемиме соработката меѓу двете земји и двата Парламенти бидејќи таа соработка ќе послужи за зголемување на квалитетот на соработката меѓу двете влади во Тирана и Скопје во функција на зголемување на благосостојбата и економскиот и социјалниот развој. Македонија не е само наш сосед, туку и природен партнер за реализација на регионални проекти и во овие рамки двете земји треба да работат уште повеќе за да се конкретизираат и повеќекратно да се зголемат заедничките проекти и трговската размена на двете земји за напредокот на нашите граѓани, рече Мета. 

Во оваа насока, додаде тој, треба да се забрзааат напорите за градење на железничката линија меѓу Скопје и Драч што, како што посочи, претставува значаен дел од Коридорот 8, кој е од стратешко значење и итност за двете земји. 

На средбата на претседателите на албанскиот и македонскиот Парламент станало збор и за положбата на етничките заедици.

- Македонија доследно работи и ќе работи на остварување на Охридскиот договор. Ние сме мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество. Овој договор обезбедува доследно почитување и развивање на индивидуалните и колективните права на етничките права на етничките заедници, но не задира во унитарниот карактер на државата. Во таа смисла очекуваме и нашите соседи доследно да ги почитуваат колективните и малциски права на своите граѓани, вклучувајќи ги и македонците кои живеат таму, рече Вељаноски.

Неговиот колега Мета посочи дека Албанија била секогаш отворена и водела сметка за правата на малцинствата, вклучително и македонското, во насока на, како што рече, поддршка за зачувување на нивната култура, јазик и традиција, но и за создавање колку е можно подобри услови за нивно успешно интегрирање во економскиот, институционалниот, политичкиот и општествениот живот во оваа земја.

- Ние не велиме дека сме совршена земја. Земја сме која треба да изоди уште пат за членство во ЕУ и да направи уште многу во сферата на почитување на правата на етничките заедници, но имаме и волја да го направиме, рече Мета.

Во таа насока, посочи и на тоа што општина Пустец во која живеат Македонци, наскоро ќе стане еден од 61-те окрузи во Албанија.

- Иако таа е најмала по број на жители, тоа е во знак на почит и признавање на оваа заедница во Албанија, со цел таа и натаму да ги чува и развива своите карактеристики, рече Мета.

На средбата станало збор и за евроатланските процеси, при што Мета посочил оти Албанија и натаму ќе ја поддршува Македонија на патот на членството во НАТО, а македонскиот Парламент покажал подготвеност за споделување на искуствата во насока на усогласување на законодствството со она на ЕУ.

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 13:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега