Завршија двете заложнички драми во Франција, терористите ликвидирани
Во двете акции на француската полиција и жандармерија вечерва се убиени тројцата терористи, заложникот во Дамартан е ослободен, додека во супермаркетот во Париз загинаа уште четири лици, а четворица други се ранети, јави дописникот на МИА од Париз.
Акциите на специјалците започнаа истовремено. Тоа беше многу важно, бидејќи се покажа дека терористите се меѓусебно поврзани. Во Дамартан-ен-Гуел акцијата ја спроведоа специјаците на жандармеријата ГИГН, додека во Париз припадници на специјалната полиција РАИД.
Двајцата убиени терористи во Дамартан-ен-Гуел се идентифукувани како браќата Шериф и Саид Куаши, кои се одговорни за масакрот во редакцијата на весникот „Шарли Ебдо“. Убиени е и нивниот соучесник Амеди Кулибали, кој држеше заложници во Париз и кој е осомничен за вчерашното убиство на полицајката во Монтруж. Со него е убиено уште едно лице, кое не е идентификувано.
Во Дамартан е ослободен единствениот заложник кој го држеа браќата Кауши. Според информациите, браќата не знаеле дека има некој во печатницата каде се криеле и тој сокриен ги информирал силите на редот.
Во Париз, наместо како што се мислеше дека има само пет заложници, Кулибали и неговиот соучесник држеле десетина лица во самопослугата „Хипер Кошер“, кои се ослободени. Но, Кулибали при влегувањето во самопослугата убил три лица, а има и неколкумина ранети.
Според француските медиуми, браќата Кауши излегле од печатницата и започнале да стрелаат врз силите на редот, по што специјалците одговориле на огнот. Истовремно започна и акцијата во Париз. Таму прво се слушнаа интензивни истрели и ексползии, по што специјалците влегоа во зградите. Меѓу силите на редот во Дамартан има еден ранет, а во Париз се ранети тројца специјалци.
Во оваа интервенција француските специјални сили кои беа мобилизирани веќе непрекинато 48 часа, се покажаа ефикасни и брзи. Посебно, ако се направи споредба со претходната акција во Тулуз кога Мохамед Мера во 2012 година уби тројца војници и тројца ученици и еден родител во еврејско училиште во градот. По неговото откривање, интервенцијата на специјалците беше многу подолга во споредба со денешните.
Француските специјалци денеска положија голем испит, слично како и при елиминирањето на терористите од ГИА кои го грабнаа авионот на „Ер Франс“ во декември 1994, кога беа ослободени сите заложници.
Двајца од убиените терористи, веќе биле гонети од француските органи за вмешаност во терористички акции. Амеди Кулибали беше вмешан и во плановите за бегство од затворот на Самин Аит Али Белкакем, член на алжирската исламистичка група ГИА, осуден на доживотен затвор за учеството во атентатите од 1995 во метрото Сант Мишел. Во истата акција беше уапсен и осуден и помладиот од браќата Куаши, Шериф.
Американските служби денеска соопштија дека Саид Куаши бил обучуван за терористички акции од Ал Каида во Јемен, најверојатно во 2011. За девојката на Кулибали, Хајат Бумедијен, по која е објавена јавна потерница нема никакви информации.
Сите овие терористи кои ја вознемирија Франција се родени, растени и школувани во Франција. Некои од нив од малата деликвенција преминаа директно во радикален ислам. Сите им биле познати на полицијата, но успеаја да преземат во смртонсона акција.
Тоа што загрижува е фактот дека, според многу сведоштва, ноќните патроли на француската полиција во предградијата често биле пресретнувани од млади кои живеат таму и ги провоцирале по последните настани во кои беа убиени тројца полицајци, покрај вработените во „Шарли Ебдо“.
Во врска со денешните настани се ичекува француксиот претседател Франсоа Оланд вечерва да и се обрати на нацијата.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа