Иванов: Македонија да добие датум за преговори бидејќи го заслужува тоа

 

 

Македонија да го добие датумот за почеток на преговори со ЕУ и да се примени позитивното искуство од примената на паралелното движење на процесот, побара македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов на Самитот на шефови на држави од Централна Европа што се одржа во Братислава, Словачка.

- Го истаканав отворено барањето на Македонија да го добие датумот бидејќи тоа го заслужува и мора кон Македонија да се применуваат позитивните искуства во процесот на евроинтеграцијата. Имаме позитивен пример за паралелено движење на процесот и тоа бараме и за Македонија да се примени затоа што дава резултати така што конечно она што сме го одработиле, што е заслужено Македонија треба да го добие, а да го добијат и сите што во регионот ги исполнуваат стандардите, критериумите и приниципите што ги бара Европа, изјави претседателот Иванов по завршување на Самитот, кој според него е извонредна можност да се изнесат ставовите пред другите пртседатели од Регионот, бидејќи е затворен форум и се разговара за сите прашања отворено.

Тој порача дека не може ЕУ да зборува во името на Европа, бидејќи се уште не е ЕУ. – Кога ќе влезе и нашиот регион во ЕУ, тогаш ЕУ може да зборува од името на Европа. Затоа Европа е незавршен проект, истакна Иванов.

Евроинтеграциите беа тема и на билатералните средби што претседателот Иванов ги имаше со своите колеги од Литванија и Словенија. Истакна дека со претседателката на Литванија Далија  Грабаускајте, станало збор за нивните приоритети како следни претседавачи со ЕУ и оти добил ветување дека проширувањето ќе биде на агендата.

Со словенечкиот претседател Борут Пахор станало збор за поддршката што Словенија и ја дава на Македонија во евроинтеграциите и нивните искуства и позитивниот пример што го имаат и како помагаат на земји кандидат паралелно да ги решаваат проблемите и преговорите.

На маргините на Самитот, денеска шефот на македонската држава се сретна и со украинскиот претседател Виктор Јанукович со кој разговараше за билатералните односи, за економските односи и за се она на што се изложуваат како две земји во процесот на евроинтеграции.

Претседателот Иванов, вчера се сретна и со црногорскиот, полскиот и молдавскиот претседател, а свое обраќање имаше на пленарната седница денеска на Самитот.

Во Братислава на Самитот учествуваа петседатели од  Австрија, Романија, Црна Гора, Естонија, Хрватска, Украина, Полска, Латвија, Бугарија, Молдавија, Унгарија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина Словенија, Чешка, Косово и Словачка. Присуствуваше и претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, кој го оцени како историски бидејќи првпат на еден собир се присутни претседателите на Србија и Косово.

Претседателот Иванов учествува третпат на Самит на шефови на држави и влади на Централна Европа. Првиот е одржан во Чешка во 1994 година, а Македонија беше домаќин во 2008.

најчитано сега