Стартува традиционалниот Вевчански карневал

Со промоција на книгата „Масони од Македонија до 1990 година“ од Миле Д. Миќуновиќ и отворање на изложбата на слики од Петре Шутиноски денеска почнува годинашното издание на Вевчанскиот карневал со кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, односно Православната нова година.

Вевчани живее за карневалот и амбициите ни се секоја година да биде подобар од претходната. Лани траеше пет дена, а годинава ќе трае шест. Се очекува за време на карневалските денови Вевчани да го посетат преку 20.000 гости, а најавена е и екипа од Би-Би-Си, посочуваат организаторите на карневалот.

Вевчанскиот карневал е уличен театар без режија за кој маските не се знаат до почетокот на манифестацијата со исклучок на трандиционалните зет, невеста и глупавиот август.

Секој вевчанец во текот на годината мисли како ќе се маскира и ќе ви кажат се што сакате, но не и во што ќе бидат маскирани за Василица. Самите василичари се автори на маските и на дијалогот на она што ќе го изведат, а во текот на годините на одржувањето на карневалот ниту една власт не останала некритикувана.

За Василица секоја куќа во Вевчани е отворена за сите гости и секој што ќе дојде ќе биде пречекан со убаво вевчанско вино, греана ракија и познатите луканци.

За утре е предвидена промоција на книгата „Токму кај што треба“ од Крсте Шутиноски и изведба на монодрама за Методија Андонов Ченто, додека в недела ќе настапи   КУД „Дримкол“.

Главната музичка програма ќе се одржи на 12-ти и 13 јануари. На 12 јануари во 21 часот ќе настапи македонскиот бенд „Суперхикс“, а пред полноќ хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“, кој во Вевчани ќе ги отпее своите најпознати хитови од 18 студиски изданија. 

Централниот настан е традиционалната карневалска поворка која ќе започне на 13 јануари околу 14 часот со парада на групите од Горно и Долно маало. Дефилето во центарот на Вевчани ќе трае до 16 часот. За вечерта во 21 часот е предвидено да се одржи концерт на етногрупата „Љубојна“ со  Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски, а гостите на Вевчански карневал по 23 часот ќе ги забавува фолк-пејачката Елена Велевска. Старата нова година - Василица ќе биде пречекана со голем огномет што ќе трае три до пет минути.

Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските на 14 јануари.

Вевчанскиот е меѓу најпознатите карневали на Балканот кој се негува повеќе од 1400 години. Во деновите кога се слави доаѓањето на Старата нова година, Вевчани се претвора во голема отворена сцена, а настанот  секоја година го посетуваат голем број гости од Македонија и од странство.

 

 

Оцени ја веста

09.01.2015 - 09:42
Фото: 
лидер

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега